Дислокацијата на цементарата „Усје“ не е проблем, смета премиерот Христијан Мицкоски, откако Советот на Скопје ја поддржа иницијативата за преместување на фабриката која се смета за голем загадувач на воздухот. Мицкоски денеска изјави дека инспекциските контроли и надзорот на големите индустриски инсталации биле активни и досега, а ќе продолжат и во иднина.
Министерот за животна средина и просторно планирање Мухамед Хоџа, пак, кој на министерското столче седна пред два дена, денеска побара информации за работењето на цементарницата „Усје“, пред која вчера се одржа граѓански протест против аерозагадувањето. Хоџа денеска се сретна со заменик-министерката Ане Лашкоска, директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ивана Гиновска, како и одговорни лица за квалитет на воздухот во министерството.
За премиерот Мицкоски проблемот со загадувањето на воздухот во главниот град датира од поодамна, а решенијата бараат време.
„Загадувањето е резултат надецениската негрижа на граѓаните да им се обезбедат алтернативни начини на затоплување на домовите, особено на источната и западната порта на градот. Развиваме еден проект за кој на почетокот на следната година ќе имаме детали. Разговараме и со инвеститор за когенеративна гасна централа со кој ќе се реши проблемот на источниот дел од градот. Треба време, но имаме цел“, рече Мицкоски.
Министерот Хоџа, од директорката на ДИЖС Гиновска побарал информации во врска со надзорот на работењето на Усје, како и да се изврши надзор над работењето на сите останати правни субјекти кои поседуваат А-интегрирани дозволи за кои е надлежно министерството.
„Целта на ваквата постапка е заедно со вонредни инспекциски надзори да се испита состојбата на терен со обврските кои произлегуваат од поседувањето на вакви еколошки дозоволи. Воедно, од одговорните лица е побарано известување за имплементација на актуелните мерки за справување со аерозагадувањето, и дадени се задолженија за проверка на степенот на нивна реализација“, велат од министерството.
Министерот Хоџа на средбата нагласи дека ова е само првиот чекор од низата на чекори кои како министер ќе ги преземе за справување со овој повеќедецениски сложен проблем, за чие решавање ја повика соработката и партнерството од сите кои сакаат да помогнат во намалувањето на загадувањето и обезбедувањето на почиста животна средина.