
На прес-конференција утрово министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека новогодишната ноќ беше проследена со сериозни инциденти и зголемен број интервенции во здраствените установи. На Клиничкиот центар биле згрижени повеќе пациенти со тешки повреди, а најзагрижувачки е случајот со двегодишно дете кое се бори за живот.
Според информациите кои ги соопшти министерот, детето било донесено со тешка повреда на главата, за која постои сомнеж дека е нанесена од огнено оружје.
„Тешко телесно е повредено две годишно детенце кое е во животозагрозувачка состојба моменталн0. Повредата е настаната од метален фрагмент кој не можеме во моментот да го специфициме“, извести Тошковски, додавајќи дека повеќе информации ќе бидат споделени штом се утврдат причините како настанала повредата.
Покрај овој случај, дежурните лекари во текот на ноќта примале и повредени од сообраќајни незгоди, падови од висина, како и лица со повреди од пиротехнички средства. Регистрирани се три сообраќајни незгоди, а 17-годишна девојка од Тетово со тешка телесна повреда која настанала по сообраќајна несреќа е итно оперирана.
Тројца пациенти се примени на клиниките после пад од висина. 30-годишен маж се наоѓа во животозагрозувачка состојба откако бил пронајден кај Буњаковец по пад од висина, по што му било извршена операција на ’рбетниот столб. Исто така, 16-годишно момче во Штип по пад од висина било пренесено на Неврохирургија.
Од пиротехнички средства, според податоците од лекарите, дури 20 лица се повредени, меѓу кои две деца на возраст од 12 и 13 години, како и 69-годишен маж со тешки повреди на дланката.
А, во текот на ноќта биле евидентирани и осум случаи на физичко насилство, од кои шест лица со телесни повреди по укажаната медицинска помош биле пуштени на домашно лекување, додека кај еден пациент е констатирана површна убодна рана од нож.
Ниту Универзитетската клиника за токсикологија останала без пациенти. Таму биле примени 31 пациент поради алкохолна интоксикација, од кои 13 биле деца, а најмладото имало само 14 години.
Здравствените власти апелираат на поголема одговорност, особено кога станува збор за употреба на алкохол, оружје и пиротехника за време на празниците.