УЈП со две новогодишни честитки: Една за новата 2026, а втората за пресметан данок на доход за 2020 година

Управата за јавни приходи (УЈП), на 31 декември 2025 година, пред пречекот на Новата година, на дел од граѓаните им испрати електронска порака во која се вели дека дека им се генерерирани декларација за утврдување на пресметката и решение за неподнесена пресметка за данок на доход, и дека можат да си ги видат во електронскиот систем на Управата. Речиси истовремено со електронските пораки до граѓаните, директорката на УЈП, Елена Петрова на социјалните мрежи објави и вистинска новогодишна видео честитка.

Дел од даночните обврзници со кои што контактираше Мета.мк се пожалија дека решението кое го пронашле на системот на УЈП, всушност содржи четири копии, од кои во ниту една не е наведено врз основа на кои податоци им е пресметан данокот. Наместо тоа, има само серија прашалници.

Исто така, како што наведуваат нашите извори, во две од четирите копии на УЈП, без никакво објаснување, се вели дека стапката на данокот на дохот изнесува 15 отсто, што е за 50 отсто повеќе од важечката стапка од 10 отсто според член 12 од Законот за персонален данок на доход. Иако се вели 15 отсто, пресметката е направена за 10 отсто, но не е јасно дали станува збор за грешка. Во останатите две копии на Решението што го симнале нашите читатели од УЈП, стапката на Данок на дохот која е наведена била 10 отсто, како што е и предвидено во Законот.

Од друга страна, директорката на УЈП, Елена Петрова, во својата новогодишна честитка најавува дека следната 2026 година УЈП ќе работи на дијалог со даночните обврзници, како што вели „не од позиција на моќ, туку од позиција на соработка и кооперативност“.

„Бевме под засилено внимание на јавноста и одредени случувања ја нагласија важноста за уште поголема транспарентност и отчетност во нашето работење. Ова е појдовна точка за суштинска промена. Затоа 2026-та година ја започнуваме со јасна определба и приоритет, да ја зајакнеме УЈП како организација на која ѝ се верува“, вели Петрова во честитката.

И секако, додава оти нивен „приоритет останува фер даночната дисциплина, правилата и законите важат подеднакво за сите, прво информираме, прво спречуваме, но секаде каде што нема усогласеност делуваме со санкции и принуда“.

„Нека оваа година биде година на поголема стабилност и поголема доверба. На сите даночни обврзници, на вработените во УЈП и на сите граѓани им посакувам мирна и успешна Нова Година“, ќе рече Петрова во новогодишната честитка.

INFO