„ОНЕ Македонија“ доби лиценца да работи како трет мобилен оператор

Агенцијата за електронски комуникации денеска му додели лиценца на „ОНЕ Македонија“,  подружница на унгарската 4iG Групација, за да работи како трет мобилен оператор во државата. Според најавите, „ОНЕ Македонија“ во прво време ќе функционира на подрачјето на Скопје, а ќе ја користи мрежата на постојните два оператора додека да изгради сопствена.

Претседателот на одборот на директори на „Оне Македонија“ Пал Заранди најави дека компанијата ќе има своја независна мрежа, како и дека очекува сериозен удел на пазарот, заради што ќе ангажираат експерти што ќе прават истражувања на пазарот како најдобро да се позиционираат.

„Ова не е само лансирање на уште една телекомуникациска компанија. За нас, влегувањето во Северна Македонија претставува стратешко проширување на нашето присуство низ целиот
Западен Балкан, регион кој е клучен за нашиот долгорочен раст. Земјата ќе служи како клучен јазол во регионалниот екосистем на податоци. Ова е ретка можност да се изгради национален оператор од нула, со најнапредни алатки, но исто така и да се обликува корпоративна култура насочена кон потрошувачите, агилна и транспарентна од првиот ден“, изјави Заранди.
Компанијата планира да инвестира до 100 милиони евра во изградба и развој на мрежата, вклучително и во инфраструктура, отворање нови работни места, обуки, како и долгорочна соработка со домашни ИКТ-компании.

Директорот на Агенција за електронски комуникации (АЕК), Јетон Акику, истакна дека доделувањето на лиценцата денес претставува клучен момент во дигиталниот развој на Северна Македонија.

„Го отвораме пазарот за нова конкуренција, притоа целосно усогласени со европските стандарди. ОНЕ Македонијавнесува  нова динамика и сериозна стратешка посветеност. Веруваме дека овој чекор ќе придонесе за подобри услуги, многу иновации и побезбедна инфраструктура за граѓаните,“ рече Акику.

„Оне Македонија“ претходно, уплати еднократен надомст во износ од околу осум милиони евра, со што ги исполни условите да ги добие трите одбренија. Новиот оператор до крајот на март 2027 година треба да покрие еден град со 5Г, до крајот на 2028 година главните коридори во согласност со договорот за основање транспортна заедница на основната и за сеопфатната патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г-сигнал, а до крајот на 2030 година сите градови во државата. До крајот на 2032 година се очекува секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.

Процесот за воведување трет мрежен оператор за мобилни мрежи и услуги почна минатата година откога Групацијата 4иГ, преку својата подружница „Оне Македонија телекомуникации“, официјално достави писмо за намери до АЕК, каде што изрази интерес за обезбедување достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во државата.

INFO