Распишан нов тендер на кој се бара компанија што ќе ја гради првата регионална депонија во Свети Николе

Тендерот за избор на компанија која треба да ја гради првата регионална депонија во Свети Николе е повторно распишан минатиот месец, но овојпат со олеснување на условите кои треба да ги исполнат компаниите, информираше денеска заменик министерката за животна средина Ане Лашкоска, на првиот брифинг за новинари што го организираше новиот министер за животна средина Муамет Хоџа.

Тендерот ќе трае до средината на март, по што ќе следува евалуацијата на нивните понуди. Тендерот веќе еднаш беше објавен минатата година, но заврши неуспешно заради тоа што пријавените не ги исполнуваа условите кои се бараа од нив. Критериумите сега се олеснети, бидејќи, како што велат во Министерството, во регионот нема компании кои имаат искуство во изведба на овој тип проекти.

„Проектот се финансира со европски пари, целосната имплементација и контролата на тендерот и постапката ја води Европската комисија, која ќе ја изврши и евалуацијата на понудите. Ние се надеваме дека тендерот овојпат ќе биде успешен и дека овој проект ќе се реализира што поскоро и ќе биде пример преку кој граѓаните ќе видат како треба да се регулира отпадот во државата. Сметаме дека потоа реализацијата на сите други регионални центри ќе биде полесна“, вели Лашкоска.

Првиот тендер заврши во мај лани, по што следуваше евалуација на понудите од 90 дена, пред Министерството да објави дека е неуспешен бидејќи ниту една од компаниите не ги исполнува условите. Тогаш, од Министерството не објавија колку компании биле пријавени, ниту кои се тие, дали меѓу нив имало и некоја домашна, а ниту пак кои се условите кои не успеале да ги исполнат. И сега нема детали какво ревидирање е направено на тендерската документација и какви се новите услови кои ќе се бараат за фирмата која ќе треба во иднина да ја изгради првата европска депонија во земјава.

Според извештајот на Државниот завод за ревизија објавен во јуни годинава, проектот за Свети Николе ќе ја чини државата 40 отсто повеќе заради пролонгирањето на роковите и доцнењето на третата фаза, за која се распиша овој тендер. Според ДЗР, во третата фаза од проектот кој вклучува изградба на регионалната депонија и трансфер станиците, државата ќе треба да учествува со 65 отсто од средствата, а европските фондови со 35 отсто, наместо првично предвидените 85 од ЕУ и 15 отсто од буџетот. Инаку, вкупната цена на центарот за третман на отпад изнесува 48,4 милиони евра, но во тие средства се вклучени и првите две фази од проектот, односно набавка на инфрструктура и затворање на дивите депонии.

Првата регионална депонија во земјава ќе треба да ги задоволни потребите за современ третман на отпадот на жителите на Источниот и Североисточниот регион на Македонија. Треба да се гради во зоната на селата Мечкуевци–Арбашанци во Општината Свети Николе и ќе се состои од системи за собирање и за примарна селекција на отпад, транспорт, претоварни станици, секунардна селекција на отпадот и создавање суровини кон рециклатори, извлекување материјали и депонирање на отпадот кој не е можно да се врати во стопанските текови како суровина.

Дополнително, предвидено е да се постави и мрежа за извлекување биогас од депонијата за понатамошна енергетска употреба. Со тоа би се заокружил еден циклус на поставување основи на циркуларно стопанисување со отпадот во овој регион. Еден дел од работата на центарот за управување со отпад е и изградбата и стопанисувањето со санитарна депонија за комунален отпад.

Министерот Хоџа денеска истакна дека реализацијата на регионалните системи за отпад ќе биде еден од неговите приоритети, покрај справувањето со загадувањето на воздухот, бидејќи само на тој начин ќе може да се реши проблемот со дивите депонии.

„Институциите мора да овозможат еколошка и паметна алтернатива за третман на отпадот, веќе една деценија се зборува за овие решенија, не смееме да дозволиме повеќе да има одложувања“, рече Хоџа.

Посочи дека неодамна започнал и процесот за регионалниот центар за управување со отпад во Новаци, кој треба конечно да ја затвори депонијата Мегленци и да обезбеди решение за третман на отпадот на Пелагонискиот и Југозападниот регион. Во рамките на проектот е обезбедена опрема за селекција на отпадот за 400.000 жители на сите 18 општини.

INFO