Еко-свест поведе управен спор против МЖСПП

Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест Скопје поднесе тужба за управен спор до Управниот суд на Република Северна Македонија против Министерството за животна средина и просторно планирање. Предметот се однесува на отфрлање на Решение од страна на МЖСПП, откако Еко-свест поднесе управен приговор кој се однесува на пропуштање на преземање реални акти во постапките за издавање Дозвола за користење на вода за производство на електрична енергија за малите хидроелектрични централи (МХЕ) Баров Дол и Папрад, чија изградба е планирана на реката Дошница во Општина Кавадарци.

Од Еко-свест посочуваат дека МЖСПП не се осврнало на наводите за непочитување на Законот за животната средина и Законот за водите.

,,Со оглед дека управниот приговор беше отфрлен, и покрај наводите укажани од страна на Еко-свест за непочитување на позитивните законски прописи од законот за животна средина и законот за водите, МЖСПП во диспозитивот не се задржа на овие наводи. Поведената постапка исто така има за цел утврдување на правото на Еко-свест да биде странка во постапката согласно одредбите од Законот за животната средина и Архуската Конвенција, со оглед дека реката Дошница претставува природно богатство т.е. јавно добро кое можат да го користат сите граѓани. Оттука, учеството на јавноста во одлучувањето и пристапот до правда за прашања поврзани со животната средина е неопходно за унапредување на состојбите во животната средина и остварувањето на уставно загарантираните права на граѓаните“, изјави Марко Гучески, правник за животна средина во Еко-свест.

INFO