
Малигните неоплазми се меѓу најчестите причини за смрт на глобално ниво, а истата состојба се забележува и во Македонија. Денеска се одбележува Светскиот ден за рак, водечки меѓународен ден за подигнување на свеста за болеста.
Веднаш по болестите на циркулаторниот систем, ракот претставува втора најчеста причина за смртност во земјата. Податоците за периодот од 2010 до 2024 година покажуваат континуиран раст на стапката на морталитет од малигни неоплазми. Таа се зголемила од 180 на 100.000 жители во 2010 година, на 217 на 100.000 жители во 2024 година.
„Морталитетот е значително повисок кај машката во споредба со женската популација. Највисоки стапки на смртност се регистрирани кај лицата над 65 годишна возраст. Во оваа возрасна група, стапката на морталитет од малигни неоплазми осцилира, но останува висока – од 881 на 100.000 жители во 2010 година до 821 во 2024 година. И тука, машката популација бележи повисок морталитет во однос на жените. Наспроти тоа, стапката на морталитет кај лицата на возраст од 0 до 64 години е значително пониска“, се наведува во извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Кај мажите, најчеста причина за смрт од малигни неоплазми е ракот на бронхите и белите дробови. Стапката на морталитет се движела од 64,8 на 100.000 мажи во 2010 година, со одредени осцилации и достигнала 71,3 на 100.000 мажи во 2024 година.
„Кај жените, водечка причина за смрт од малигни неоплазми е ракот на дојка. Стапката на морталитет пораснала од 30 на 100.000 жени во 2010 година на 39 во 2024 година, што укажува на потреба од засилени активности за рана детекција и превенција“, се вели во соопштението на ИЈЗ.
Во овој контекст, Светскиот ден на ракот, кој се одбележува секоја година на 4 февруари, има за цел да ја подигне јавната свест за ракот, да ја поттикне неговата превенција и да мобилизира конкретни акции во борбата против оваа глобална епидемија.
„Денот е предводен од Унијата за меѓународна контрола на ракот, (UICC) и е воспоставен во 2000 година. Со регулирање на лична, колективна и владина акција, сите ние работиме заедно за да го замислиме светот во кој милиони смртни случаи од рак се спречени и пристапот до третманот и грижата за рак, кој спасува живот е еднаков за сите, без разлика кој сте и каде живеете“, се наведува во соопштението на ИЈЗ.