Министерството за здравство немало надлежности во научната студија за мозочни примероци

Во Министерството за здравство доцна синоќа соопштија дека немале директни надлежности во спроведувањето на научно-истражувачката дејност поврзана со актуелната јавна тема за научна студија за мозочни примероци меѓу Институтот за судска медицина и МАНУ.

Оттаму информираат дека од Медицинскиот факултет биле известени дека научно-истражувачката работа која вклучува биолошки материјал со генетски карактеристики, е строго и ригорозно нормативно регулирана.

„Таа е предмет на повеќе законски и подзаконски акти, меѓу кои Законот за научно-истражувачка дејност, Правилникот за клинички испитувања, како и упатствата за трансфер, транспорт, пакување и обележување на биолошки материјали“, информираат оттаму.

Во МЗ појаснуваат дека во посочениот временски период законската обврска за чување на документацијата изнесувала 15 години, а од 2018 година наваму, рокот е продолжен на 25 години.

Во врска со постапката за транспорт на ткива во тој период, од министерството наведуваат дека таа вклучувала задолжителна информирана согласност од семејството, по што следувала одлука од етичка комисија за истражување кај луѓе. Било потребно и одобрение за извоз на ткива од тогашното Биро за лекови, во кое прецизно било наведено дека материјалот е наменет за научно-истражувачка дејност и за кои цели ќе се користи.

„Кога се работи за извоз на биолошки материјал, потребно е меѓу научните институции во земјава и странство, кои бараат одобрени за извоз на биолошки материјал, да постои склучен формален договор (меморандум), каде се наведени и прецизирани детални протоколи согласно денешната регулатива и нормативна рамка – строго определени услови каде се прецизно се третира секое постапување со биолошкиот материјал, како и зошто се спроведува истражувањето, децидно да биде наведено постапувањето со биолошкиот материјал, како што се земањето, транспортот, примањето од установата и натамошното постапување“, велат во министерството.

INFO