Марвел и стрипаџиите се простија од Сал Бјусема, легендарниот цртач на „Спајдермен“

Љубителите на стрипот деновиве се простија со еден од најпознатите и највлијателни уметници на „Марвел“ – Сал Бјусема (Silvio “Sal” Buscema). Тој починал на 24 јануари 2026 година, на 89-годишна возраст, во својот дом во Гејнсвил во Вирџинија (САД), само два дена пред да наполни 90 години.

Бјусема беше познат по својот препознатлив динамичен стил како долгогодишен илустратор на стрипови со Спајдермен, Хулк, Конан, Капетан Америка и други јунаци на „Марвел“.

Во текот на седумдесеттите и осумдесеттите кај нас беа достапни неговите стрипови кои излегуваа во „ЕКС алманах“, издание на „Дечје новине“ од Горњи Милановац. Последните години во регионот може да се најдат репринти во форма на книги.

Во официјалниот некролог на Marvel.com, компанијата го опиша неговото наследство со зборовите „Сал Бјусема остави неизбришлива трага на Марвел и на целата стрип-индустрија,“ додавајќи дека тој со своето работење носеше „автентична енергија во секоја страница што ја создаде“.

Сал започна со цртање уште во 1950-тите, а во Marvel се приклучи во доцните 1960-ти, каде што веќе работеше неговиот славен брат Џон Бјусема.  Во текот на кариерата има соработувано и со други издавачи, како ДЦ комикс за кој има цртано епизоди на Супермен,

Колеги и пријатели од светот на стрипот истакнаа колку бил посветен и колку влијаел на нивната работа. Сценаристот Ј. М. ДеМатис, кој има работено со Бјусема на Спајдермен, го опиша како „совршен визуелен раскажувач и вистински професионалец — работа со него беше задоволство и едно од најдобрите искуства во мојата кариера.“

На социјалните мрежи фановите кои се простуваа од него порачаа дека Бјусема бил уметник со голема почит кон својата публика и со неверојатна работна етика. Неговата позитивна енергија може да се види и во ова видео-интервју кое е направено четири години пред смртта, на 86-годишна возраст.

INFO