Во текот на петтата недела од 2026 година (од 26 јануари до 1 февруари), во Македонија се пријавени 1.498 случаи на заболени од грип и заболувања слични на грип, што е намалување од 12,3 проценти во споредба со претходната недела, кога беа регистрирани 1.708 случаи. Иако епидемиолозите очекуваа зголемување во овој период од сезоната на грип, сепак и минатата и оваа недела евидентирано е намалување на бројот на заболени лица.
Според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), бројот на заболени е значително помал и во споредба со истиот период минатата сезона, за дури 50,7 отсто.
Во однос на возрасната структура, најголем дел од заболените се лица на возраст од 15 до 64 години (866 случаи). Следуваат деца од 5 до 14 години (247), лица над 65 години (224) и деца од 0 до 4 години (161). Највисока инциденца е забележана токму кај најмладата возрасна група – деца од 0 до 4 години, со 166,8 заболени на 100.000 жители.
Заболените се пријавени од 28 центри за јавно здравје, при што најмногу случаи има во Скопје (473), Прилеп (146), Струмица (139) и Охрид (99). Во повеќе градови бројот на заболени е под 30, а во Берово, Делчево и Крива Паланка не се пријавени случаи на грип и заболувања слични на грип.
Од почетокот на сезоната 2025/2026, вкупно се регистрирани 11.415 случаи. Најголем дел од нив, дури 81,6 проценти, се евидентирани во јануари, што укажува на силен сезонски пик.
Иако трендот на неделно ниво покажува континуирано намалување на бројот на заболени, резултатите од вирусолошкиот надзор укажуваат на регионална географска активност на вирусот на грип.
Здравствените власти повторно апелираат дека вакцинацијата останува најефикасната мерка за заштита од сезонски грип. Заклучно со петтата недела од 2026 година, во Македонија вакцинирани се вкупно 79.105 лица, со бесплатна или комерцијална вакцина.