Нашите универзитети спроведуваат над 1.300 студиски програми и притоа има студиски програми со по 2, 3, 5 студенти што е неприфатливо. Тој систем на такво студирање ќе го промениме. Со новите измени во Законот за високо образование, очекуваме драстично намалување на студиските програми. Бидејќи многу брзо ќе треба сите јавни високообразовни установи да се прилагодат на овие услови, очекуваме дека многу голем број од нив ќе се замозатворат или ќе бидат затворени по сила на закон.
Ова го изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, зборуваќи за новините кои се предвидени со новите закони за високо образование, за квалитет во високото образование, како и законот за научно-истражувачка дејност.
„Ќе воведеме модуларност, на пример, сите студенти завршуваат Правен факултет добиваат диплома за дипломиран правник. Првите две години ќе бидат исти за сите идни правници, но потоа студентот ќе се усмери, на пример, на кривично, граѓанско, римско право. И тоа ќе важи за сите други факултети. Не очекувам укинувањето на студиски програми да остави без работа професори. Има друг проблем, има нерамномерна распределба на катедрите и институтите. Имаме Превработеност и недостиг на професори. Вработувањата ќе оди по систематизација за да немаме премалку или премногу професори“, рече Јаневска на денешната прес-конференција.
Новите закони ги работело националното координативно тело за реформи во високото образование составено од 60 професори кои работеле пробоно.
„Изработени се три нови законски решенија. Сегашниот Закон за високо создаде повеќе проблеми отколку што реши. Агенцијата за квалитет на високото образование не ја вршеше својата функција и не спроведе евалуација. Во науката има многу новини кои сегашниот закон не ги интересираше. Во изработката на новите законски решенија учествуваа над 60 лица, кои пробоно помогнаа во креирањето на регулативата. Ги имаме првите нацрт-верзии од кои двете – Закон за високо образование и Закон за квалитет се објавени на ЕНЕР и достапни за сугестии“, информира Јаневска.
Една од новнините е студентите кои со стипендија студираат на најдобрите 100 универзитети во светот, или пак, се добитници на Инжинерски прстен или се прогласени за најдобри студенти, да имаат предност во вработување на факултет како наставно-научен кадар.
„Ќе има повеќе пари за оние универзитети кои ќе се потрудат да исполнат повисоки критериуми, со тоа ќе се стимулира конкуренцијата. Секој професор кој ќе аплицира за избор во звање, ќе има обврска да изработи и објави најмалку 6 трудови од кои 4 треба да се објавени во списание со импакт-фактот „Веб оф сајанс“ или „Скопус“. Светската статистика вели дека за еден универизтет да се најде на Шангајската листа, треба да има 1.200 трудови со фактор на влијание. Кај нас бројката е 300 до 500 и тоа не смее да продолжи да е така“, додаде Јаневска.
Еден наставник може да остане во исто звање ако исполнува услови, а оние професори кои веќе се избрани во звање, нема да бидат опфатени со овој закон.
„Мандатот на ректорот ќе трае 4 години наместо досегашните 3. За да биде транспарентна работата на универзитетите ќе активираме одбори за доверба, кои се тело за отчетност за работата“, додаде таа.
Министерката кажа дека платите се зголемени лани за 14 отсто, а зголемен е и буџетот за истражувања на 773 милиони денари оваа година, што е двојно од досегашниот буџет.
Со новините се предвидува реорганизација и заживување на улогата на Агенцијата за квалитет која изминатите 5 години вршела само акредитација на студиски програми. Според надлежните, новата организациска поставеност се очекува да биде подобра и да даде подобри резултати
„Законот за научно-истражувачка дејност предвидува доделување пари за научни проекти, финансисрање на научни институти, јасно дефинирање на постапките за избор во научно звање на истражувачите. Очекуваме Собранието да ги усвои сите три закони“, рече Јаневска.
Таа најави дека ќе има и национално рангирање на универзитети кое ќе го прави МОН.
„Она што го има во ЕУ, а ние досега го немавме, е воедување на стручни студии. Ако сакате да завршите Машински факултет, 4 години траат студиите плус една година втор циклус, ќе се стекнете со 300 кредити. И така беше досеа. Секаде во светот постојат стручни или индустриски студии, тоа се луѓе кои се подготвуваат за пазарот на труд и не се заинтересирани за академски напредок или вработување академско, тоа се луѓе потребни во компаниите. Тие може да завршат и да се стекнат со 180 кредити стручни студии, а потоа да одат на 240 и потоа да одат на докторски студии. Тоа кај нас го немаше. На компанијата ѝ треба таков кадар. За студентите е значајно што тие од стручни може да преминат на академски студии. Одреден број на луѓе кои веќе излегле надвор од МКД и завршиле докторски стручни студии, немавме начин да им ги признаеме знањата. Тие ќе си работат во индустријата, а може да бидат и предавачи во средно стручно, па дури може да ги ангажираат и факултетите. Тоа се поусмерени знаења отколку што се академските“, појасни Јаневска.