„Здрава котлина“ утре на мирна блокада поради аерозагадувањето во Струмица

Граѓанската иницијатива „Здрава котлина“ најави дека утре (10 февруари) ќе организира мирна блокада во Струмица во траење од два и пол часа на трите улици кај кружниот тек кај Поштата, како дел од нивните активности против аерозагадувањето.

Од иницијативата соопштија дека и по неодамнешниот протест и официјалното доставување на нивните барања има почетна реакција од надлежните институции, но, како што наведуваат, сè уште нема конкретни резултати ниту итни и ефективни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот.

Тие велат дека вградувањето филтри во индустриските капацитети е суштинско и најавуваат дека нема да се двоумат да блокираат објекти што работат без соодветна заштита. Од „Здрава котлина“ тврдат дека заканите и притисоците од сопственици на индустриски капацитети нема да ги исплашат, туку дополнително ќе ги мотивираат, додавајќи дека ваквите случаи ќе бидат пријавувани до надлежните институции.

Во соопштението наведуваат дека продолжува палењето на бакар. Посочуваат и на неодамнешна ситуација на улицата „Антон Панов“, каде, како што тврдат, била намерно блокирана улицата со луѓе и возила, со цел прикривање на оголување на поголема количина кабел за кој претпоставуваат дека ќе биде распореден и запален во наредните денови.

„Не може грст луѓе да трупаат пари врз здравјето на сите нас“, наведуваат од иницијативата, додавајќи дека ќе продолжат со протести и блокади.  Тие посочуваат дека јавниот притисок се покажал како ефикасен начин за поттикнување на институциите да преземат решителни мерки.

Пред околу десет дена екоиницијативата „Здрава котлина“ организираше протест на кој, меѓу другото, побара примена на принципот „Нема филтер – нема бизнис“, односно итна забрана за работа индустриски капацитети што немаат соодветни филтри.

Меѓу нивните барања беше и надлежните институции да преземат мерки за намалување на аерозагадувањето во Струмица, со цел нивото на загаденост да биде двојно пониско од националниот просек.

Во пакетот мерки против загадувањето е вклучено и барањето за ревизија на А и Б еколошките дозволи и елаборати, врз основа на кои работат индустриските капацитети и помалите производствени погони.

„Здрава котлина“ минатата година поднесе и кривична пријава и против градоначалникот на Општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов бидејќи, како што велат, издал дозвола за работа на леарница за алуминиум која наводно лажно е класифицирана како лесна индустрија.

INFO