Обвинителството континуирано презема дејствија поврзани со запленетата марихуана

Во врска со опсежната акција во која се запленети 40 тони марихуана, Јавното обвинителство континуирано презема активности во соработка со Министерството за внатрешни работи и Комисијата за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели, во рамките на Министерството за здравство, соопштија денеска оттаму.

„Постапувањето се одвива во континуирана координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и со други јавни обвинителства со месна и стварна надлежност, кои постапуваат по предмети за кривични дела утврдени во Законот за контрола на опојни дроги“, се наведува во соопштението од Обвинителство.

Оттаму додаваат дека предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција бил во комуникација со Обвинителството за организиран криминал на Република Србија, со цел размена на информации од значење за постапката што ќе помогнат да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната.

„Јавниот обвинител од ОЈО ГОКК презема и други дејствија согласно своите законски надлежности, вклучително и сослушување лица во својство на сведоци, со цел прибирање докази и факти релевантни за постапката. ОЈО ГОКК заедно со надлежните институции, продолжува со преземање на дејствија за целосно расчистување на случајот, за што јавноста ќе биде навремено информирана“, соопштуваат оттаму.

INFO