По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, портпаролката на Владата на Република Македонија, Венера Азизи, порача дека овој ден не треба да се гледа само како празник, туку како можност за одразување и за подигнување на свеста во општеството за почитувањето и остварувањето на правата што природно им припаѓаат на жените.
Азизи истакна дека 8 Март треба да послужи како поттик за сите општествени чинители да придонесат за поголема вклученост и застапеност на жените во сите сфери на власт и институционално управување.
„Овој ден треба да ја зголеми свеста кај сите општествени чинители за да се зголеми нивото на претставување на жените во сите сфери на власт и институционално управување“, порача Азизи.
Според неа, токму ваквиот пристап е единствениот пат кон создавање на вистинска родова еднаквост.
„Фактичката родова еднаквост не е само слоган, туку реалност која треба заеднички да ја изградиме“, нагласи портпаролката на Владата.
Таа додаде дека потребна е континуирана посветеност од институциите и од општеството за да се обезбедат еднакви можности и целосно почитување на правата на жените.
…