Системот „Безбеден град“ ќе се прошири и во Битола

До крајот на 2026 година, Битола ќе се приклучи на градовите кои го воведоа системот за автоматско санкционирање на сообраќајните прекршоци „Безбеден град“ (Safe City). Овој проект веќе функционира во Скопје, Куманово и Тетово, а градоначалникот Тони Коњановски на неодамнешната прес-конференција потврди дека Битола ќе го следи истиот пат. Изјавата беше дадена во контекст на неговото учество на националната конференција „Безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа“ во Скопје.

Општина Битола пред две години изработи физибилити-студија, која предвидуваше поставување на 40 камери на триесетина клучни локации низ градот. Целта е поголема безбедност на граѓаните и заштита на јавните добра, но досега надзорниот систем сè уште не е инсталиран.

Во студијата се идентификувани главните точки за мониторинг: пешачки зони, средни и основни училишта, паркови, локации каде се одлага комунален отпад, културни објекти, плоштадот и Широк Сокак, како и влезовите во градот и клучните крстосници, според примерот на другите градови, токму овие места ќе бидат под континуиран надзор.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, кој ја посети Битола во јули 2025 година, во изјава за ТВ „Тера“, посочи дека овие два проекти се различни и не треба да се мешаат. „Најважно е да се избегне дуплирање на инвестициите. Ако нашите проекти веќе опфаќаат одредени локации, локалната самоуправа може да ги користи како дополнување, а не како повторување на истото“, истакна Јанев.

INFO