Се очекува нови групи македонски државјани да пристигнат во земјата од Дубаи, откако синоќа на скопскиот аеродром слета авион со 151 евакуиран патник. Следниот лет е планиран за вторник и се предвидува да пренесе сличен број лица, додека третата евакуација е закажана за средината на неделата. Сепак, точниот број на патници ќе зависи од интересот на граѓаните од ризичните подрачја кои сакаат да се вратат.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, истакна дека се работи и на организирање на превоз за македонски државјани кои се наоѓаат во Бахреин, Катар и Кувајт. Тие ќе бидат префрлени во Саудиска Арабија, а од таму се планира да бидат доведени со авион во среда. Поради логистички причини, летот можеби ќе слета во Косово, но ќе биде обезбеден транспорт до Скопје.