Муцунски: Македонија е предвидлив партнер на ЕУ и очекува реципрочна предвидливост

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес ја претставуваше државата на престижната меѓународна конференција Budapest Balkans Forum 2026 во Будимпешта, организирана од страна на Унгарскиот институт за меѓународни прашања.

На воведната панел-дискусија на високо ниво, со наслов „Централна Европа и Западниот Балкан во новата геополитичка ера“, Муцунски говореше за значењето на заедничкото дејствување на владите во услови на зголемени безбедносни и геополитички предизвици. Во дебатата учествуваа и унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто, како и заменик-претседателот на Владата на Црна Гора за надворешни и европски прашања, Филип Ивановиќ.

„Соработката не е само опција, туку неопходност. Нашата држава веќе го доби кандидатскиот статус за членство во Европската Унија заедно со Хрватска, а ние, како општество, остануваме длабоко проевропски ориентирани. Владата работи на европски реформи и целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Но, процесот на проширување мора да биде јасен, кредибилен и предвидлив“, истакна Муцунски.

Министерот потенцираше дека државата се стреми да биде сигурен и предвидлив партнер на Европската Унија, и исто така очекува слична посветеност и кредибилност од земјите членки. „Припаѓаме на Европа, но очекуваме таа предвидливост да биде целосно реципрочна“, подвлече тој.

Во својот говор, Муцунски ја нагласи стратешката важност на транспортните Коридори 8 и 10, кои се пресекуваат во државата, како за безбедносната стабилност, така и за трговијата и економскиот развој. Тој посочи дека се работи и на изградба на енергетски интерконектор со Грција, кој ќе овозможи пристап до LNG гасот од пристаништето Александруполис.

Во контекст на билатералната соработка, Муцунски истакна дека односите со Унгарија се стратешки и отвараат бројни можности за инвестиции и економска соработка. „Создаваме услови за македонските компании да инвестираат во Унгарија, но и за унгарските фирми да се развиваат во нашата земја. Ја гледаме Унгарија како клучен партнер и поддржувач на европскиот пат на регионот“, заклучи министерот.

INFO