По повод доделувањето на наградата, во Народната банка се одржа средба со наградената истражувачка, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Одборот за оценување трудови составен од вицегувернерката Ана Митреска (претседателка) и членовите Султанија Бојчева-Терзијан, директорка на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика и Мите Митески, помошник на вицегувернерот, како и вицегувернерите Емилија Нацевска и Фадил Бајрами.
На средбата се разменија мислења за наградениот труд и за значењето на истражувачката работа при носењето политики засновани на докази. Акцентот беше ставен на важноста на поддршката што Народната банка им ја дава на младите истражувачи заради унапредување на истражувачката дејност во земјата. Имено, во изминатите деветнаесет години, токму преку оваа награда, Народната банка активно придонесува за поттикнување на истражувачката активност на младите во областа на макроекономијата и банкарството, со што се зголемува нивниот научен придонес со практична вредност при носењето на политиките.
Според традицијата, наградениот труд ќе биде презентиран на некоја од следните сесии на Клубот на истражувачите на Народната банка, којшто функционира како платформа за развој на истражувачката мисла и мрежа за поврзување на експертите од овие области.
Доделувањето на наградата е дел од одбележувањето на 33-годишнината од монетарното осамостојување и формирањето на Народната банка. Постојаното јакнење на институционалните и истражувачките капацитети ѝ овозможи на Народната банка да се издигне како реномирана и кредибилна институција на меѓународно ниво, со голем придонес во обезбедувањето на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.