Времето на чекање со „One Stop“ намалено

Времето на чекање со воведувањето на системот „One Stop“ е намалено од неколку часа на 30 минути и покрај зголемувањето на бројот на патници за 15 до 20 проценти. Македонија денес со воведувањето на овој систем и кон Албанија го заокружи процесот на сите гранични премини со соседите надвор од Шенген зоната откако истиот систем е веќе применет со Србија и со Косово.

Со воведувањето на системот ‘One Stop’ со Република Албанија го заокружуваме она што го започнавме со Србија и Косово – воспоставување современ модел на заеднички гранични контроли со сите наши соседи надвор од Шенген-зоната. Нашата цел е едноставна: граѓаните да поминуваат побрзо, да нема непотребни задржувања, а граничните служби да работат поефикасно и покоординирано. Границите треба да бидат безбедни, но истовремено и функционални, особено во време кога мобилноста на граѓаните, туризмот и економската соработка постојано се зголемуваат, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на официјалниот старт на „One Stop“ во Албанија.

Со новиот систем на Ќафасан кон соседна Албанија се овозможува координирано спроведување на граничните проверки на едно место, со што се избегнува непотребното повторување на процедурите и се создаваат услови за побрз и поефикасен премин на границата.