Николоски: Обвинителството треба да го провери потеклото на парите на Мијалков за хотелот во Горица

„Хотелот на локалитетот Горица ги има сите потребни дозволи и нема никакво урбанистичко прекршување, но клучното прашање е потеклото на парите – како му се легализирани парите на Мијалков за да може да гради хотели“, изјави Николоски.

На оваа изјава на Николоски реагираше Јавното обвинителство кое вели дека тие постапуваат врз основа на докази, а не врз основа на повици.

„Јавното обвинителство постапува во согласност со своите законски надлежности и врз основа на евентуално доставени докази за сторено кривично дело или по допрен глас, но не и по повик. Доколку се обезбедат докази кои даваат основ за сторено кривично дело во овој случај, јавното обвинителство секако ќе постапи во согласност со своите надлежности“, велат во Јавното обвинителство.

Активистите кои реагираат за хотелот, според министерот, се занимаваат со технички работи, а ја заобиколуваат намерно или ненамерно главната поента. Николоски вели дека хотелот го „аминувале” тројца градоначалници пред актуелниот Пецаков, комуналиите се платени навреме, а габаритот е помал од она што е предвидено во ДУП.

Но активистите не се откажуваат од барањата и ставот дека на хотелот не му е местото таму во зелениот појас на населбата Горица 3 во првата зона на езерото. Од Охрид СОС велат дека особено загрижува фактот што не е испочитувана експлицитната препорака на Комитетот за светско наследство за привремена забрана на градежни активности сè до изработка на стратегиска оцена за влијанието врз животната средина.

Од Општина Охрид пак на ова реплицираат дека без разлика на тоа што во периодот кога е носен планот за конкретната парцела, не постоел Планот за управување со светско природно и културно наследство во Охридскиот регион, сепак издаденото одобрение за градба е во рамките на истиот.

Хотелот го гради фирмата Дивелоп груп. Во оваа фирма една третина е сопственик Бест веј инвестмент на Јордан Мијалков, синот на Сашо Мијалков.

INFO