Куба ќе ослободи повеќе од 2000 затвореници додека економската криза се продлабочува под притисок од САД

Кубанската влада ќе ослободи 2.010 затвореници, што е најголемо вакво ослободување во последните години, во време кога островот е под сè поголем притисок од администрацијата на Трамп, пренесува Си-Ен-Ен.

Владата одлучила да им даде помилување врз основа на доброто однесување на затворениците, нивната здравствена состојба и природата на „извршените дела“, според објавата во „Гранма“, официјалниот весник на владејачката Комунистичка партија.

Во објавата се додава дека меѓу затворениците има млади луѓе, жени, лица постари од 60 години и странци. На списокот не се вклучени затвореници осудени за дела како убиство, убиство од небрежност, сексуален напад или „кривични дела против авторитетот“.

Куба редовно приведува и таргетира неистомисленици, вклучително и активисти, новинари, демонстранти и политички противници, според „Хјуман рајтс воч“.

Хавана и претходно спроведувала масовни ослободувања на затвореници како дел од договори со меѓународни страни – на пример, на почетокот на 2025 година, Куба ослободи 553 затвореници по преговори со САД и Ватикан, во кои администрацијата на Бајден вети дека ќе ги ублажи санкциите кон островот.

Американскиот претседател Доналд Трамп го поништи тој договор по преземањето на функцијата – што ја натера Куба привремено да го запре ослободувањето на затворениците, пред да го заврши во март.

Во соопштението на „Гранма“ не се споменуваат САД, туку ослободувањето се поврзува со „верските прослави за Светата недела“, додека христијаните ширум светот го слават Велигден. Но Куба е силно погодена од кампањата на притисок на администрацијата на Трамп, што дополнително ја влошува и онака тешката економска состојба на островот.

Претходно оваа година, преку воени потези во Венецуела и закани со царини за Мексико, администрацијата на Трамп го прекина дотокот на нафта кон Куба – обидувајќи се да го принуди комунистичкиот остров да направи значајни политички и економски реформи.

Трамп инсистира дека кубанската влада конечно мора да ја отвори централизираната економија на островот пред таа да колабира. Тој често зборуваше дека сака „да ја преземе Куба“.

Многу од политичките сојузници на Трамп, меѓу кои и државниот секретар Марко Рубио, се тврдокорни критичари на Куба, кои долго време повикуваат на промена на нејзиното комунистичко раководство.

Островот сега брзо ги троши и последните резерви на нафта што му останале, а кои ги користи за напојување возила и производство на електрична енергија – што дополнително ја влошува долгогодишната енергетска криза.

Островот и претходно беше склон кон долготрајни прекини на електричната енергија, но тие сега се влошија, бидејќи електраните немаат доволно гориво за работа. Во март, Куба доживеа два целосни национални прекини на струја во само една недела – оставајќи повеќе од 10 милиони луѓе без електрична енергија.

Животот практично запре, со прекин на наставата во многу училишта, испраќање на работници на принуден одмор за да се штеди енергија и откажување летови од некои дестинации, бидејќи Куба нема доволно авионско гориво за долги летови.

Претходно оваа недела, Трамп дозволи руски танкер под руско знаме да влезе во кубански води, пробивајќи ја блокадата за гориво, при што рече: „Мора да преживеат.“ Белата куќа подоцна соопшти дека тоа „не е промена на политиката“.

Откако кубанските револуционери предводени од Фидел Кастро го соборија режимот на Фулхенсио Батиста поддржан од САД во 1959 година, земјата е под строг економски ембарго од САД, што ја блокира поголемата деловна активност на островот поврзана со Американци и создава значителни правни пречки за какви било нови инвестиции.

INFO