Се ближи најголемиот христијански празник, Велигден, а со него и посебниот и длабоко духовен период на Страдална, или Страстна седмица. Ова е време на споменување на последните денови од земниот живот на Исус Христос, Неговите страдања, смрт и погребение. Самото име потекнува од старословенскиот збор „страст“, што носи значење на мака и страдање, но и на духовна преобразба.
Христијаните ја нарекуваат и Велика седмица, бидејќи секој од овие денови носи големо значење. Преку посебни богослужби, Црквата го оживува споменот на библиските настани, поврзувајќи ги пророштвата од Стариот завет со исполнувањето во Новиот. Свети Јован Златоуст ја објаснува длабочината на овие денови: тоа е време кога е победена смртта, врзан е ѓаволот, искупен е гревот, и отворен е патот кон Бога, кога небесното и земното се зближуваат.
Во Страдалната седмица, верниците се повикуваат на поинтензивна молитва, воздржување од храна и дела на милосрдие. Историски, ова било време кога се прекинувале судските спорови, а простувањето достигнувало до ослободување на затвореници кои не сториле тежок грев.
Храмовите во овие денови се исполнети со луѓе кои се стремат кон духовна длабочина. Најзначајни се вечерните богослужби на Велики Четврток и Велики Петок, како и свеченото пречекување на Воскресението во сабота навечер. Свештениците носат црни одежди, а традиционално се избегнуваат панихиди и помени, нагласувајќи тишината и вниманието кон страдањата на Спасителот.
Во исхраната, строгоста е водечка. Се практикува посна, „сува“ храна, во согласност со Посниот триод и одлуките на Шестиот Вселенски собор. Постот трае до полноќта по завршувањето на велигденската литургија, како симбол на духовно прочистување и очекување на радоста од Воскресението.