Делегации положија цвеќе и се потсетија на заветот на Делчев

По повод 122 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, бројни политички делегации и јавни личности му оддадоа почит на неговото вечно почивалиште во црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерката за образование и наука Весна Јаневска, положија свежо цвеќе пред гробот на Делчев.

„Гоце Делчев не беше само револуционер, тој беше идеја, пламен што и денес гори во срцата на сите кои ја љубат Македонија“, напиша Мицкоски на Фејсбук, нагласувајќи ја важноста од зачувување на вредностите за кои Делчев се борел.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова исто така положи свежо цвеќе по повод 122-годишнината од смртта на Делчев.

Одбележувањето започна со Панихида, отслужена од страна на Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, во сослужение со свештениците од Скопската епархија.

Свежо цвеќе положија и делегации на Владата, на Собранието, претставниците на дипломатскиот кор, на политичките партии, на граѓански здруженија и бројни други почитувачи на ликот и делото на Делчев.

Претседателот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, исто така положи цвеќе на гробот на Делчев и соопшти дека „пораките на Делчев денес се поактуелни од кога било“. Филипче повика на единство, културен натпревар меѓу народите и прогрес преку знаење и заедништво, истакнувајќи дека визиите на Делчев остануваат водилка за современото општество.

Своја почит оддаде и партијата Левица, чии претставници положија цвеќе на гробот на Делчев. Пратеникот Борислав Крмов, заедно со членовите на Централниот комитет, го истакнаа Делчев како симбол на отпорот и визионер за организирана борба за слобода.

INFO