Претседателот на САД, Доналд Трамп, во неделата објави 100 отсто царина на филмови произведени надвор од САД, велејќи дека американската филмска индустрија умира „многу брзо“ поради стимулациите што другите држави ги нудат за да привлечат филмски продукции, пренесува Ројтерс.
„Ова е координиран обид од други нации и, затоа, претставува закана за националната безбедност. Тоа е, покрај сè друго, и прашање на пораки и пропаганда“, напиша Трамп на трут сошл.
Трамп изјави дека ги овластува релевантните владини агенции, како Министерството за трговија, веднаш да почнат со процесот на наметнување 100% царина на сите филмови произведени во странство кои потоа се увезуваат во САД.
Тој додаде: „САКАМЕ ФИЛМОВИ ДА СЕ ПРАВАТ ВО АМЕРИКА, ПОВТОРНО!“
Секретарот за трговија, Хауард Лутник, напиша на социјалната мрежа ИКс: „Работиме на тоа.“
Ниту Лутник, ниту Трамп не дадоа детали за тоа како ќе се спроведуваат овие царини. Сѐ уште не е јасно дали царините ќе се однесуваат и на филмови на стриминг-платформи, како и на оние прикажани во кино, ниту дали ќе се пресметуваат според трошоци за продукција или според приходите од билетарите. Асоцијацијата за филмска индустрија, која ги претставува големите студија, не даде коментар.
Во јануари, Трамп именуваше холивудски ветерани Џон Војт, Силвестер Сталоне и Мел Гибсон со задача да ја вратат Холивудската индустрија „поголема, подобра и посилна од кога било досега“
Производството на филмови и серии со години се одвива надвор од Холивуд, на локации со даночни поволности што го прават снимањето поевтино.
Владите низ светот ги зголемија повратите на данок и кеш-бенефициите за да привлечат продукции и да освојат поголем дел од 248 милијарди долари што, според Ampere Analysis, ќе се потрошат на глобално ниво за производство на содржини во 2025 година.
Сите големи медиумски компании, вклучувајќи ги Walt Disney, Netflix и Universal Pictures, снимаат во странство, најчесто во Канада и Велика Британија.
Лидерите на Австралија и Нов Зеланд реагираа на најавава на Трамп за царини, најавувајќи дека ќе застанат во одбрана на своите локални индустрии. Некои од филмовите за суперхероите од Marvel се снимани во Австралија, додека Нов Зеланд беше локација за снимање на „Господарот на прстените“.