Престижниот фестивал Виолин Фест, познат по својата мисија да ѝ даде сцена на младата виолинска иднина, годинава го одбележува своето 11-то издание – и тоа со симболично враќање таму каде што сè започна, во Битола.
Пред главниот концерт што ќе се одржи на 9 јуни во 20:00 часот, во Камерната сала на Македонската филхармонија во Скопје, Виолин Фест 2025 започнува со офф-програма во Битола, градот што отсекогаш дишел музика. Град со традиција, со училишта што изградиле генерации музичари и со атмосфера што потсетува дека културата не е украс, туку суштина.
Оваа година, фестивалот ѝ се поклонува на таа суштина – на корените. Затоа официјалната фестивалска програма започнува со два значајни настани во Битола:
– 8 мај (четврток), 12:00 ч. – Јавен час и презентација на фестивалот во Музичкото училиште во Битола
– 12 мај (недела), концерт во Офицерски дом, со настапи на млади виолинисти од музичките училишта од Битола, Прилеп и Охрид, кои преку својот труд и талент ја раскажуваат иднината на класичната музика.
Фестивалот е основан од виолинистот Владимир Костов, чии први музички чекори исто така водат од Битола. Од училишните клупи до големите сцени – неговата инспиративна приказна станува и приказна на сите оние што го препознаваат Виолин Фест како простор каде што младите таленти добиваат глас, шанса и публика која слуша со отворено срце.
„Оваа година, фестивалот не е само уште едно издание. Тој е посветеноста на виолината како инструмент – од скромност до страст, од Битола до Скопје, па и светот, од првата нота до аплаузот што значи •продолжи•” – истакнува Костов.