По предлог на НУ. Народен Театар Битола актерката Соња Михајлова, доајенка на македонската театарска сцена и долгогодишен член на Народниот театар во Битола, е добитничка на наградата за животно дело доделена од Собранието на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Ова признание претставува круна на нејзината плодна и инспиративна кариера, која трае повеќе од четири децении. Родена на 14 октомври 1958 година во Битола, Соња Михајлова дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1983 година, во класата на проф. Љубиша Георгиевски. Истата година се вработила во Народниот театар – Битола, каде останала до нејзиното пензионирање во 2022 година. Иако во пензија, Михајлова изјави дека останува посветена на театарот, велејќи: „Глумата и театарот се засекогаш со мене и во мене“.
Соња Михајлова е добитничка на бројни награди и признанија, меѓу кои: -Награда за млад актер на Фестивалот „Војдан Чернодрински“, Прилеп. -Награда „Ристо Шишков“ за улогата на Петра фон Кант. -Награда за најдобро актерско остварување за улогите на Сандра Заум во претставата „Магна карта“ и Цвета во „Балканот не е мртов“. -Награда за најдобра женска епизодна улога за ликот Мирса во претставата „Бегалка“ -Награда „Златна маска“ за најдобра женска улога во претставата „Свирач на покривот“ -Награда за најдобра женска улога за ликот на Каесар во претставата „Јулиј Цезар“ на Фестивалот на античка драма „Стоби“ -И оваа година -награда за животно дело на Фестивалот „Војдан Чернодрински“.
Михајлова има богата кариера со улоги во театарски, филмски и телевизиски проекти. Некои од нејзините познати улоги вклучуваат:„Табакерата“ (1972), „Јужна патека“ (1982), „Бушава азбука“ (1985), „Трговецот од Солун“ (1985), „Девојките на Марко“ (1987), „Ѕвездите на 42-та“ (1987), „Еурека“ (1989) „Прекалени“ (1994), „Северо источно од југозапад“ (2000), „Што сонува кучето“ (2000), „Сенки“ (2007), „Збогум Румелија“ (2008), „Македонски народни приказни“ (2010), „Тврдокорни“ (2013), „До балчак“ (2014), „Лимоната“ (2015), „Големото прогонство во Кавкасија“ (2015-2016), „Обожение“ (2016), „Кајмак“ (2022), „Црвениот поет“ (2024) . Со околу 150 одиграни улоги Соња Михајлова не мирува. Иако пензионер таа настапува во НУ Народен театар Битола со концептуалната монодрама ,,Куфер.МК,, во која ја сумира нејзината животна и творечка приказна. Со својата оригиналност, неуморност и посветеност, Соња Михајлова остави длабок печат во македонската театарска уметност и останува инспирација за идните генерации актери. „Горди сме на тебе Соња. Ти благодариме .Поклон до земја“, изјавија од Битолски театар.
Покрај Михајлова наградата за животно дело ја добиваат и Снежана Конеска-Руси и Гоце Тодоровски. Оваа година девет претстави во официјална и пет во независна програма се селектирани за програмата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, што ќе се одржи од 6. до 13. јуни, а која програма ја објави уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска.
Па така претставата „Црно семе“ од Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски, продукција на Народен театар – Битола, ќе биде дел од годинешното издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Фестивалот ќе се одржи под мотото „Смеј се и осмели се“.