Гаши потенцира дека Македонија е посветена на евроинтеграциите и од тоа не отстапува, но додаде дека, за жал, низ тој процес се соочува со низа препреки, кои го прават патот уште потежок и понеизвесен, но тоа не нè обесхрабрува да се откажеме од европските вредности и стандарди.
Тој нагласи дека фокусот останува на реформите во правосудството, образованието, здравството, социјалната заштита, унапредувањето на економскиот стандард на граѓаните, создавањето поволни услови за домашни и странски инвестиции, како и градењето толеранција и афирмативен пристап кон јакнење на добрососедските односи.
Како мала држава, додаде тој, за нас од особено значење е зачленувањето во НАТО во март 2020 година, кога станавме 30-та земја членка, со што беше исполнета една од нашите најважни стратешки цели, дефинирана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година. Истакна дека тоа претставува значаен исчекор кон зајакнување на нашата безбедност и стабилност и е силна гаранција за заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на државата.
„Покрај ова, сакам да нагласам дека како држава сме особено посветени во јакнење на регионалната соработка, но и регионалната поврзаност, што за нас исто така значи предуслов за развој и просперитет. Од тој аспект коридорите 8 и 10 се еден од најважните инфраструктурни проекти. Оваа капитална инвестиција, освен што ќе ја поврзе земјата со две нови пристаништа, ќе направи безбедна и модерна патна инфраструктура, воедно ќе ја развие и економијата, ќе ги зближи луѓето и ќе отвори нови можности за сите нас“, рече Гаши.
Тој истакна дека во услови на големи геополитички предизвици со кои се соочува целиот свет, фокусот треба да остане на соработката, прогресот, јакнењето, како и негувањето на вредностите што промовираат мир, толеранција и меѓусебно разбирање.
„Сите ние сме свесни дека живееме во време кога се соочуваме со предизвици на сите полиња. Некои се слични, други се разликуваат, некои се заеднички, а други се поединечни. Некои држави се поотпорни на нив, а други се пофрагилни. Некои предизвици се во доменот на безбедноста, а други се закана за економската стабилност и директно влијаат на квалитетот на животот на граѓаните. Предизвици има многу, како на политички, на безбедносен и на економски план, но и во делот на заштитата на животната средина, во делот на миграцијата, во делот на поддршка на социјално загрозените… Но она што е најважно и за што сите ние сме тука е дека секој предизвик, секој момент на криза, побрзо и поуспешно се надминува само ако дејствуваме заеднички, независно од тоа дали имаме координиран регионален пристап или, пак, станува збор за меѓусебна поддршка или размена на искуства. Само заеднички можеме повеќе, полесно и поуспешно да одговориме на новите предизвици“ , порача Гаши.
Тој додаде дека промената на геополитиката ја наметнала потребата да се дефинираат дополнителни приоритети на иницијативата.
„Тесната поврзаност на државите, како резултат на глобализацијата и огромниот технолошки напредок, придонесува заканите и предизвиците, особено во однос на безбедноста, да бидат глобални и да ги чувствуваме сите независно од тоа на кој регион или континент припаѓаме. Токму затоа се јавува потребата од заеднички решенија за заеднички проблеми, кои влијаат не само на Јадранско-Јонскиот Регион, туку и пошироко“, истакна Гаши и додаде дека придобивките од демократијата не се дадени еднаш засекогаш, на нив мора постојано да се работи, да се унапредуваат и да се негуваат бидејќи многу лесно може да се загубат.
Нагласувајќи дека една од сесиите на денешната конференција е „Промовирањето на мирот и стабилноста преку парламентарната дипломатија“, рече дека парламентарната дипломатија преку разните форми на соработка, независно дали станува збор за билатерални или мултилатерални процеси, може да даде значаен придонес во градењето на стабилноста на меѓународната политика.
„Затоа треба да ја промовираме на сите можни начини и да придонесеме во градењето праведен и демократски меѓународен и домашен поредок, бидејќи тоа е единствената алтернатива“, изјави собранискиот спикер.
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски во своето воведно обраќање до присутните истакна дека како држава ги потврдуваме и принципите утврдени во заедничките изјави од претходните состаноци, кои ја нагласуваат суштинската улога на парламентите во зајакнувањето на регионалната соработка.
„Како институции најблиски до граѓаните, парламентите имаат клучна одговорност да промовираат стабилност и безбедност, да поттикнуваат дијалог меѓу државите и да обезбедат стратешките цели да се преточуваат во конкретни политики во интерес на граѓаните. Токму затоа, зајакнатата меѓупарламентарна соработка и координираното дејствување се неопходни за консолидирање на мирот, стабилноста и просперитетот во регионот“ – нагласи Димитриевски.
Претседавањето на земјата со иницијативата, додаде Димитровски, доаѓа во исклучително значаен момент – пет години по нашето приклучување кон стратегијата, седум години членство во иницијативата и 25 години од Анконската декларација, која ги постави темелите на нашата соработка.
„Водени од мотото ‘Зајакнување на регионалното единство, унапредување на европската иднина’, ја реафирмираме нашата посветеност на зајакнување на позицијата на регионот во пошироките европски и мултилатерални рамки. Во време на глобална неизвесност, нашето единство претставува нашата најголема сила“, рече тој.
Димитровски истакна дека при преземањето на претседателството земјата се надоврзала на добрите практики на претходните претседателства, но и ќе остави свој белег, придонесувајќи кон подинамична и поефикасна регионална соработка во интерес на граѓаните.
Во таков контекст, тој напомена дека на прво место е евроинтеграцијата, односно афирмацијата дека ЕУ е двигател на развојот и затоа е неопходно да се потврди нашата стратешка определба, да се зајакнеме пристапот до инструментите, како ИПА 3, и граѓаните да ги почувствуваат придобивките уште пред членството. Во фокусот на агендата посочи дека се и дигиталната трансформација, потоа зајакнувањето на поврзаноста и надминувањето на инфраструктурните разлики, културната соработка и заштитата на културното наследство, младите и демографските предизвици.
Генералниот секретар на Јадранско-Јонската иницијатива, амбасадор Џовани Кастеланета, истакна дека оваа конференција е еден од клучните столбови на иницијативата бидејќи го потенцира значењето на парламентарната димензија.
„Јакнењето на односите меѓу парламентите во денешно време е клучно и обезбедува дека регионалната соработка се темели на демократски легитимитет, но и на споделена регионална визија. Со тоа се осигурува дека процесот на интеграција навистина ќе биде одржлив. Во време кога политиката на моќ повторно употребува сила и одново ја обликува меѓународната политика, инвестирањето во мултилатерални рамки како нашата станува сè поважно“, рече тој.
Кастеланета додаде дека денес сведочиме на фаза во која мултилатерализмот повторно е на тенка линија, меѓутоа токму поради оваа причина регионалната соработка станува поважна од кога било.
„Во овој контекст, особено е важно да се градат мостови меѓу ЕУ и земјите кандидати, меѓу разните политички реалности, меѓу институциите и граѓаните, и да се демонстрира дека преку Јадранско-јонската иницијатива додаваме вредност на сите вакви иницијативи“ , рече амбасадорот.
Истакна дека иницијативата има две димензии: прво, да го промовира проширувањето на ЕУ преку интегрирање на Јадранско-Јонскиот Регион и, второ, да ги јакне дијалогот и соработката меѓу сите релевантни фактори во регионот – од институциите до цивилното општество, од локалните власти до економските актери.
„Ние сите зборуваме за проширување на ЕУ, но овој процес не е исклучиво технички. Проширувањето е стратешки избор, тоа е политичка одлука и бара инвестиција во иднината на Европа. Денес сите треба да инвестираме во проектот наречен ЕУ. Од една страна, тоа значи забрзување и поедноставување на процесот, кој сè уште се перципира како спор, бирократски, а понекогаш и непредвидлив. Од друга страна, потребни се внатрешни промени во ЕУ. Потребни се три елементи за да се движиме напред: прво, надминување на предизвиците поврзани со едногласното донесување одлуки, кое понекогаш го парализира одлучувањето преку вето од една држава; второ, напредок кон пофлексибилна ЕУ и, трето, унапредување на соработката во регионите, што ќе им овозможи на земјите членки и на кандидатите да спроведуваат подлабоки реформи“, нагласи Кастеланета.
Во овој контекст, продолжи тој, јасно е дека Западен Балкан не смее да остане назад.
„Овие држави чекаат интеграција во ЕУ уште од самитот во Солун во 2003 година. Додека европската перспектива за Молдавија и Украина е целосно оправдана и политички важна, мора да избегнеме создавање перцепција дека се заобиколува реалноста на Западен Балкан. Со вакво сценарио ризикуваме поткопување на проектот наречен ЕУ и намалување на стабилноста во регионот, но и во Централна Европа“, порача Кастеланета.
На денешната конференција е најавено присуство на претседатели, заменик-претседатели и пратеници од парламентите на државите членки на ЈЈИ – Република Северна Македонија, Република Албанија, БиХ, Хрватска, Република Грција, Црна Гора, Италијанска Република, Сан Марино, Република Србија и Република Словенија, како и претставници од Секретаријатот на ЈЈИ.
Учесниците на конференцијата ќе се фокусираат на две клучни теми на кои ќе бидат посветени двете сесии: „Промовирање на мирот и стабилноста преку парламентарната дипломатија“ и „Зајакнување на регионалната поврзаност: Коридорите VIII и X и улогата на парламентите“.