Гаши: Отворени листи ќе ја зголемат демократијата и одговорноста на пратениците

Претседателот на Собранието Африм Гаши смета дека воведувањето на модел со отворени листи би придонело за поголема демократичност и зајакнување на улогата на пратениците во однос на граѓаните.

На дебата посветена на улогата на Собранието во евроинтегративниот процес, организирана од Институтот за европска политика, Гаши истакна дека постои сè поголема потреба од промена на изборниот модел.

Според него, со отворени листи граѓаните би имале можност директно да избираат пратеници, а не само политички партии, што би ја зголемило одговорноста на избраните претставници.

Тој нагласи дека пратениците кои влегуваат во Собранието од пониски позиции на листите не треба да се сметаат исклучиво како резултат на партиска одлука, туку како избраници со директна поддршка од граѓаните.

„Потребна е храброст да се направи чекор кон отворени листи. На тој начин ќе се зголеми дигнитетот и одговорноста на пратениците“, порача Гаши, додавајќи дека веќе постои работна група која работи на можни измени на изборниот модел.

Тој исто така нагласи дека не треба да се генерализира работата на сите пратеници, посочувајќи дека во Собранието има и квалитетни и посветени претставници.

На дебатата беше истакнато и дека сегашниот изборен модел може да ја ограничува независноста на пратениците, бидејќи тие често се врзани за партиските одлуки и редоследот на листите, што влијае на нивното политичко делување и можноста за самостојно одлучување.

INFO MAK