Што се ботокс и филери, колку се безбедни: аферата со нелегален увоз отвори сериозни прашања

Аферата со нелегален увоз на медицински материјали за естетски третмани – ботокс и филери – ја стави оваа тема во фокусот на јавноста, отворајќи прашања за безбедноста и контролата на ваквите процедури.

Во акцијата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи беа приведени 14 лица, по извршени претреси во Скопје, Струмица и Битола. Меѓу осомничените има доктори од ЈЗУ „8 Септември“ и ЈЗУ Универзитетска клиника за дерматологија – Скопје, сопственици на приватни ординации, како и лица кои организирале транспорт и дистрибуција на нелегално внесени лекови и медицински помагала.

Осомничените се товарат за „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „примање поткуп“, а со кривичната пријава се опфатени и шест правни лица.

Шестмина добија притвор, четворица куќен притвор, додека за останатите се одредени мерки на претпазливост.
што е ботокс и како делува
Ботоксот е еден од најпопуларните естетски третмани за подмладување на лицето и вратот, но се користи и за медицински состојби како прекумерно потење.

Се добива од бактеријата Clostridium botulinum, но во третманите се користи пречистена и контролирана форма во многу мали дози.
Неговото дејство се базира на блокирање на сигналите меѓу нервите и мускулите, со што тие се релаксираат, а брчките се измазнуваат. Третманот трае околу 15 минути и се смета за безбеден кога се изведува во лиценцирани установи од стручен кадар.

Можно е краткотрајно појавување на модринки, оток или главоболка, но овие симптоми најчесто брзо исчезнуваат.
што се филери и кога се користат
Филерите, најчесто базирани на хијалуронска киселина, служат за пополнување на брчки, зголемување на волуменот на усните и подобрување на структурата и хидратацијата на кожата. Хијалуронската киселина е природна супстанца што се наоѓа во организмот, особено во кожата.

Третманот подразбира инјектирање на гел во кожата и трае од 10 до 30 минути. Како и кај ботоксот, процедурата е генерално безбедна ако се изведува правилно. Алергиските реакции се ретки, но може да се појават привремени ефекти како црвенило, оток или чувствителност.
клучно е каде се прават третманите
И ботоксот и филерите важат за безбедни процедури – но само доколку се користат оригинални, проверени препарати и се аплицираат од квалификувани медицински лица во лиценцирани установи.

INFO MAK