Издавачката куќа „Арс Ламина“ доби седум признанија од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) на традиционалното доделување награди во рамките на Саемот на книгата. На доделувањето на наградите, што се одржа денеска во Арената „Борис Трајковски“, „Арс Ламина“ ја доби првата и втората награда во категоријата за најкреативно издание. Првото место го освои за книгата „Се викам Храброст“, а второ место за „Девојчето и куклата што патува“ од Александар Русјаков, со илустрации на Јордан Гавриловски.
Второ место освои и во категориите: оригинален дизајн на корица: „Книга за Петре“ (приредена од Оливера Ќорвезироска, со портрети од Сергеј Андреевски), за највпечатлив целосен дизајн (корица и внатрешност) на издание за возрасни: „Околу три по полноќ“ од Димитрие Дурацовски, како и во категоријата за поттикнување општествена одговорност: за донацијата на библиотеката „Соба од бајките“ во Детската клиника во Скопје. Меѓу наградите се и две трети места за: Оригинален дизајн на корица за романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, со детaљ од слика на Славко Јаневски и доработка од Марко Трпески, и за Најдобра книга за деца за „Нови бајки од Македонија“ од група автори со илустрации од Орце Нинески.
За наградените проекти на „Арс Ламина“:
„Се викам Храброст“ е книга посветена на 50 исклучителни жени од нашето минато и од нашата сегашност. Од Сирма Војвода до Вера Ацева и Илина Арсова, ова дело зборува за жени кои со својот дух, упорност и истрајност успеале да се афирмираат како силни женски личности кои ќе го посветат животот или, пак, ќе го дадат својот живот за повисоки цели и за исполнување на нивните сништа. Ова уникатно издание се издвојува и со впечатливиот графички дизајн и умешно осмислен визуелен идентитет. Во основата на дизајнот е поп-арт стилот, со динамичен колорит – како контраст за црно-белите фотографии и архивски документи. Оваа книга е своевиден споменар со колажи, доцртувани елементи и исписи. Ова издание поттикна развивање на дизајнерска линија на подароци (чаши, торби, обетки, беџови, налепници и др.), на кои се застапени ликовите од книгата, со цел популаризација и актуализација на овие значајни жени и на нивните дела. Во рамките на промоцијата на книгата се одржа и изложба со дизајнерските решенија од книгата.
„Девојчето и куклата што патува“ е креативно издание по повеќе параметри: како надоврзување на трендот за авторство врз база на анегдотата за средбата на Кафка со едно девојче во паркот, како и вклучување на Македонија во светското одбележување на 100-годишнината од смртта на Кафка. Форматот и формата (како писмо) дополнително ја подвлекуваат креативноста на ова издание.
Креативноста на „Книга за Петре (сите лица на расказот)“ – несекојдневна чествувачка антологија во чест на 90-годишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски, се состои во напорот да се создадат и објават 19 нови раскази од исто толку современи македонски раскажувачи, во чест на Петре М. Андреевски. Во македонскиот книжевен контекст, ова е прва антологија од ваков тип: наменска, чествувачка, тематска и мошне креативна како идеја воопшто, но и како реализација.