Молдавија започна со увоз на работна сила од земји надвор од Европа поради сериозниот недостиг на работници, изјави министерот за економија на земјата.
Според властите, на молдавскиот пазар на труд му недостигаат околу 300.000 работници, што претставува огромен предизвик за државата чија вкупна популација изнесува околу 2,4 милиони жители.
Недостигот на работна сила е резултат на долгогодишната миграција, стареењето на населението и намалениот наталитет. Илјадници млади луѓе во последните години ја напуштија Молдавија во потрага по подобри економски услови во земјите од Европската Унија.
Молдавските власти сега се обидуваат да го надоместат недостигот преку ангажирање работници од азиски и други неевропски држави, особено во градежништвото, земјоделството, индустријата и услужниот сектор.
Економските експерти предупредуваат дека без дополнителна работна сила, економскиот раст на земјата би можел сериозно да забави, а дел од компаниите веќе се соочуваат со проблеми во одржувањето на производството и услугите.
…