Македонија во последната деценија изгубила речиси една третина од новороденчињата, покажуваат најновите демографски податоци презентирани на одбележувањето на „Неделата на женско здравје 2026“, организирана од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО.
Според податоците, во 2025 година во државата се родени околу 15.500 бебиња, додека пред десет години бројот на новороденчиња изнесувал околу 23.000. Лекарите предупредуваат дека станува збор за сериозен демографски аларм кој бара итни мерки, поголема грижа за женското репродуктивно здравје и посилна институционална поддршка за семејствата.
Проф. д-р Елена Џикова од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и член на Управниот одбор на МАГО истакна дека падот на наталитетот не смее да се гледа само како статистика.
„Кога ќе се навратиме една деценија наназад, гледаме дека имаме намалување од околу 30 проценти во бројот на новороденчиња. Тоа не е само бројка, туку сигнал дека мора многу повеќе да се вложува во женското репродуктивно здравје, во поддршка на семејствата и во системска грижа која ќе почне уште од најрана возраст“, изјави Џикова.
Таа нагласи дека превенцијата и едукацијата мора да започнат уште во школските години и да продолжат низ целиот репродуктивен период.
„Жените треба да знаат како да го чуваат своето здравје уште од најмлада возраст. Но особено е важно во репродуктивниот период и во бременоста да има редовни прегледи, бидејќи современата медицина денес овозможува рано откривање и превенција на компликации“, посочи Џикова.
Од МАГО предупредуваат дека голем број жени и натаму доаѓаат предоцна на гинеколошки прегледи, најчесто кога состојбите веќе се сериозно развиени.