Танкер санкциониран од Обединетото Кралство поради превоз на нафта во име на Русија е во сопственост на владата на Азербејџан, покажуваат корпоративни документи. Целта на санкционирање државен танкер била да се испрати предупредување до Азербејџан во време кога земјата богата со нафта склучува енергетски договори со Европската унија, изјави за OCCRP Максимилијан Хес, аналитичар од Институтот за истражување на надворешна политика од САД, пренесува ОЦЦРП.
„Ова е јасен сигнал дека понатамошни напори од страна на Азербејџан за поддршка на руското избегнување санкции носат сериозен ризик за дипломатската позиција на Азербејџан и потенцијално за пошироката економија,“ рече Хес.
Обемниот пакет санкции што Обединетото Кралство го објави на 9 мај, ги опфати и петмина азербејџански државјани обвинети за тргување со руска нафта, како и две компании.
Санкциите ја таргетираат „операцијата со сенковната флота, организирана од блиски соработници на Путин“, се вели во соопштението од кабинетот на британскиот премиер Стармер, додавајќи дека овие испораки на нафта ја „финансираат незаконската војна на Кремљ во Украина“.
Танкерот „Зангезур“ се најде на списокот од речиси 100 санкционирани бродови, иако Обединетото Кралство не наведе кој ги поседува.
Се покажало дека „Зангезур“ е во сопственост на Azerbaijan Caspian Shipping Company, според соопштение објавено на веб-страницата на компанијата. Финансиските извештаи покажуваат дека владата на Азербејџан поседува 100% од акциите на компанијата.
Покрај бродовите, Велика Британија санкционираше и две фирми: BX Energy и Nord Axis LTD. Владата соопшти дека Етибар Ејјуб, еден од петтемина санкционирани трговци, имал врски со двете компании.
Корпоративни документи добиени од OCCRP покажуваат дека фирмите се регистрирани во Хонг Конг, но се во сопственост на одделни компании со седиште во Дубаи.
Ова не е првпат Азербејџан да биде поврзан со извоз на руска нафта. Во јули 2024 година, групата за застапување Global Witness изнесе податоци дека државната рафинерија STAR во Азербејџан обработувала големи количини руска сурова нафта.
Според податоците, извозот од рафинеријата кон ЕУ пораснал за 40% во првите три месеци од 2024 година, во споредба со истиот период од 2022, кога Русија ја нападна Украина. „Голем дел од производите од STAR што ги увезува ЕУ оваа година најверојатно се направени од руска нафта,“ соопшти Global Witness.