Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, денеска на свеченото отворање на градскиот пазар во Виница порача дека државата продолжува со силна динамика на инфраструктурни инвестиции во општините.
Тој истакна дека отворањето на пазарот во Виница претставува исполнување на едно долгогодишно ветување, кое сега станува реалност.
„Покрај отворањето на пазарот и реконструкцијата на главната улица во село Градец, во тек е реконструкција на локалниот пат Блатец – Детлово. Завршена е реконструкцијата на улица ‘Ванчо Прке’ во Виница, како и кровот на општинската административна зграда. Реализирано е и уредување и осветлување на просторот околу Градскиот парк и пред стадионот во Виница“, истакна Николоски.
Тој додаде дека инфраструктурните проекти продолжуваат и во други населени места, при што во тек се реконструкции на улици во село Блатец, додека во Јакимово и други села веќе се реализирани повеќе улични зафати.
„Завршена е реконструкција на улиците Раде Кратовче, Кочо Рацин, Пролетерска, Ѓорче Петров и Блок 18. Со поддршка од Светска банка завршивме и реконструкција на улицата ‘Страшо Пинџур’, изградена е улица во село Црн Камен, а во Јакимово е во тек изградба на нова улица. Заменето е и уличното осветлување во должина од околу 15 километри“, рече тој.
Николоски нагласи дека овие проекти се доказ за посветеноста на општините и Владата во реализација на ветеното, со поддршка од премиерот Христијан Мицкоски.
„Ова е најдобар доказ дека општината предводена од градоначалникот Митко Костадиновски ги реализира проектите што ги ветува. Со поддршка од Владата ќе продолжиме со уште поголеми инвестиции и во наредниот период“, порача Николоски.