Вицепремиерот и министер за транспор Александар Николоски најави силен инвестициски циклус во патната и железничката инфраструктура, оценувајќи дека Македонија има историска шанса да се позиционира како значаен транспортен и логистички центар на Балканот.
Во гостувањето во емисијата „Тема на денот“, Николоски истакна дека Владата активно работи на продлабочување на економската соработка со Турција, со цел трговската размена меѓу двете земји да се зголеми од сегашните 900 милиони на 2 милијарди долари.
Тој посочи дека неодамнешниот бизнис форум во Истанбул бил исклучително успешен, со учество на повеќе од 200 компании од двете земји, а како потврда за добрите односи ја наведе и официјалната посета на премиерот Христијан Мицкоски на Турција.
„Турските компании покажуваат сериозен интерес за инвестирање во Македонија, особено поради договорите за слободна трговија што ги имаме со Европската Унија и Соединетите Американски Држави“, рече Николоски.
Тој најави дека од 2 јули ќе започне да функционира директната авиолинија Анкара–Скопје преку компанијата „Аџет“, без државни субвенции, а договорено е и воспоставување карго поврзување кое дополнително ќе ја засили трговската размена.
Во железничкиот сектор, министерот информираше дека карго транспортот бележи раст од 23 проценти во количината на пренесена стока и 18 проценти во финансиските показатели во првите три месеци од годинава.