МФ: Завршната сметка за 2025 година потврдува стабилни јавни финансии, редовно сервисирање на обврските и реализација на развојните инвестиции

август  2026, Скопје – Јавните финансии се реализирале во согласност со планираните фискални цели, со редовно и навремено сервисирање на сите законски обврски кон граѓаните и стопанството, како и со реализација на значајни капитални инвестиции што придонесуваат за економски раст и подобрување на инфраструктурата, покажува Завршната сметка на Буџетот на РС Македонија за 2025 година, која беше изгласана во Собранието.

Образложувајќи ја Завршната сметка пред пратениците, заменик-министерот за финансии Николче Јанкулоски истакна дека во текот на 2025 година фискалната политика се спроведувала одговорно и дисциплинирано, при што биле обезбедени средства за непречено функционирање на институциите, редовна исплата на платите, пензиите, социјалните права и здравствените услуги, како и за реализација на развојните проекти.

Во 2025 година беше остварен реален раст на бруто-домашниот производ од 3,5%, при што двигатели на економската активност беа градежништвото и услужниот сектор. Градежништвото забележа двоцифрен раст од 13,7%, пред сè како резултат на засилените инфраструктурни инвестиции.

Вкупните приходи на Буџетот беа реализирани во износ од 335,7 милијарди денари, што претставува раст од 9,9% во однос на претходната година, додека даночните приходи и социјалните придонеси достигнаа реализација од 96,2% од планираното. Вкупните расходи изнесуваа 377,5 милијарди денари, при што сите законски обврски на државата беа исполнувани навремено и без застој.

Во текот на годината редовно се исплаќаа пензиите, социјалните надоместоци, средствата за здравствена заштита, дотациите за општините, субвенциите за земјоделците, како и останатите обврски на државата.

Капиталните расходи достигнаа 28,5 милијарди денари и беа насочени кон реализација на инфраструктурни проекти, пред сè во патната инфраструктура, со значајни инвестиции во изградбата на делниците од Коридорот 8 и Коридорот 10д.

INFO MAK