Празникот 2 Август е нераскинливо поврзан со Илинденското востание од 1903 година и создавањето на Крушевската Република, првата република на Балканот, која иако краткотрајна, остави неизбришлива трага во македонската историја и колективната меморија.
На 2 Август 1944 година, во манастирот „Свети Прохор Пчински“ кај Куманово, во присуство на 122 народни претставници, било одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на кое се удрени темелите на современата македонска држава.
На 2 Август – Денот на Републиката, низ целата држава се одржуваат свечености, чествувања и пригодни настани во чест на Илинден и на сите кои се бореле за слободна и независна Македонија.
Потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски утре ќе биде главниот говорник на централното чествување на Илинден на Мечкин Камен во Крушево. Тој ќе се обрати на големиот народен собир наместо претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој патува на конференција во Египет.
На свеченото одбележување на 2 Август – Илинден, во Меморијалниот центар АСНОМ – Пелинце, државната делегација ќе ја предводи македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Илинден е неработен ден за сите граѓани на Македонија, а годинава празникот се паѓа во недела, поради што, согласно Законот за празници, понеделник, 3 август, исто така е неработен ден.
Во својата духовна основа, Илинден е посветен на Светиот пророк Илија, еден од најпочитуваните светители во православната традиција. Според народните верувања, Свети Илија е господар на громовите и небесните сили – оној што го „отклучува“ и „заклучува“ небото, носејќи дожд или суша. Неговиот култ е длабоко вкоренет во македонската народна традиција и обичаи.
Честит да биде, Македонија вечна!