„Денеска сме тука во Ново Село поради инцидентот којшто се случи синоќа, што не требаше да се случи. Беа нападнати млади деца кои ја говореа вистината, а вистината е дека водата во Гостивар и во половина држава е загадена и не е за пиење“, рече Филипче.
Побара итна истрага и реакција од МВР и од Обвинителството да се открие кои биле тие луѓе коишто, како што рече, „посегнаа физички да се пресметаат со младите деца кои ја говореа вистината“.
„Упатувам порака: децата не се сами! Не беа сами синоќа, не се сами денеска, нема да бидат сами ни утре. Ова е знак дека власта е исплашена, поради тоа што излегува вистината за загадената вода, излегува вистината за економијата, излегува вистината за Европа, излегува вистината за тоа дека сега сме слепо црево на Европа. Доаѓа време на правда и вистина“, рече Филипче.
Тој истакна дека ќе има одговорност за сите криминали, а најмногу, како што рече, „затоа што посегнаа по децата поради тоа што единствено нешто што правеа, ќе повторам по третпат, ја говореа вистината“.
Од СДСМ претходно на прес-конференција обвинија дека нивни активисти вчера биле нападнати во Ново Село, затоа што носеле транспарент со порака дека водата во Гостивар е отруена и побараа полицијата и обвинителството да ги пронајдат напаѓачите.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека обидот на СДСМ за поврзување со какви било насилни инциденти е срамен и неодговорен.
„Ако СДС има докази, нека ги достави до надлежните институции. Во спротивно, станува збор за груба манипулација и политичка злоупотреба на јавноста. СДС и Филипче немаат ниту идеи, ниту стратегија, ниту пак кредибилитет“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во одговор на новинарско прашање, Филипче повтори дека сите “лажни политики во однос на евроинтеграциите на оваа власт веќе се разобличени”.
„Да повторам, очигледно е дека нема да го вратат името, како што ветуваше претседателката Сиљановска, очигледно е дека нема да го поништат Преспанскиот договор, напротив, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е ремек-дело на европската дипломатија, и откако потврдија со изјава дека е добро што сме земја-членка на НАТО заради стабилноста и инвестициите коишто оваа власт нема капацитет да ги искористи, еве сегa очигледно е дека под радарот се рабoти на прифаќање на францускиот предлог“, рече тој.
Според него, најавената т.н. екскурзија на премиерот на Брисел, е само уште една потврда за тоа.
„За тоа за што нè обвинуваа дека сме имале предавнички политики, ова е само доказ и потврда дека сè што кажуваа е лага дека СДСМ имал предавнички политики. Напротив, државотворни политики, во интерес на сите граѓани, во интерес на напредокот на државата. А благодарение на оваа власт стоиме во место, веќе четврта година го блокираат европскиот пат“, оцени Филипче.