Седумнаесетгодишна девојка е убиена откако тинејџер кој бил вооружен со меч, нападнал ученици во училиште во Шведска, потврди полицијата, пренесува „Гардијан“.
Во инцидентот, кој се случил за време на настава во централниот шведски град Фагерста пред два дена, биле повредени уште три лица, меѓу кои и две момчиња на возраст од 12 и 17 години, кои се здобиле со полесни повреди.
Третото лице, исто така помладо од 18 години, исто така се здобило со полесни повреди и било пуштено од болница, објави шведската новинска агенција ТТ.
Родителите на 17-годишната девојка за локалниот весник „Fagersta-Posten“ изјавиле дека нивната ќерка била убиена во нападот.
Осумнаесетгодишник е уапсен во врска со инцидентот во средното училиште „Бринел“. Шведската полиција истражува дали осомничениот бил дел од онлајн заедници кои промовираат насилство во училиштата, изјавил полициски извор.
Истражителите проверуваат дали профил на TikTok, на кој била објавена фотографија од меч само 20 минути пред нападот, му припаѓал на осомничениот, изјавил изворот за Reuters.
Според весникот „Dagens Nyheter“, фотографијата, која подоцна била отстранета во петокот, најверојатно била направена во тоалет во училиштето.
Профилот бил стар околу еден месец и пред да биде отстранет, содржел видеа кои се однесувале на два случаи на масовно насилство во Шведска, како и на десничарскиот екстремист Андерс Беринг Брејвик, кој во 2011 година уби 77 луѓе во Норвешка.
Едно од видеата се однесувало на нападот во 2015 година, кога маскиран напаѓач вооружен со меч уби помошник-наставник и две момчиња во училиште во Тролхетан, во западна Шведска, пред да биде застрелан и убиен од полицијата.