АНЃУШЕВ ЗА BLOOMBERG: МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА ЈА СКЛАДИРА ЕВТИНАТА СТРУЈА ВО БАТЕРИИ И ДА ЈА ИЗВЕЗУВА КОГА ЦЕНИТЕ СЕ ПОВИСОКИ

Македонија треба забрзано да ги зголемува капацитетите за складирање електрична енергија преку инсталирање повеќе батериски системи, со што ќе може да ја складира струјата во периодите кога е евтина, а да ја користи или извезува во часовите кога цените се повисоки. На тој начин земјата може подобро да го искористи сопственото производство на електрична енергија, но и можностите што ги нуди регионалниот пазар.

Ова го истакнува проф. д-р Кочо Анѓушев, сопственик на ФЕРОИНВЕСТ и претседател на Македонската енергетска асоцијација, во одговор на прашања на Bloomberg Adria за развојот и перспективите на батериските системи во Македонија.

Како пример Анѓушев ја посочува Бугарија, која во изминатиот период значително ги зголеми капацитетите за складирање електрична енергија. Батериските системи ѝ овозможуваат во дневните часови, кога електричната енергија е евтина, да купува струја од соседните земји, да ја складира, а во вечерните часови да ја продава по повисоки цени.

„Бугарија многу добро постапи во тој дел и има сериозни финансиски бенефити. Македонија може истото да го направи, треба да ја види оваа шанса, да не ја испушти и брзо да направи интервенција во овој дел“, вели проф.д-р Анѓушев.

Потребата од батериски системи дополнително се зголемува со растот на производството од фотоволтаични електрани. Во часовите кога тие произведуваат најмногу електрична енергија, на пазарот има големи вишоци и цените се ниски. Наместо електричната енергија да се продава во тој момент по ниска цена, батериските системи овозможуваат таа да се складира и да се пласира подоцна, кога побарувачката и цените се повисоки.