„Федра – Антропологија на една желба“: Дино Мустафиќ ги судира Расин и Сара Кејн во една театарска вечер

Драмски театар Скопје на 19 септември, со почеток во 20:00 часот, премиерно ќе го изведе диптихот „Федра – Антропологија на една желба“, во режија на Дино Мустафиќ, театарски проект што во една вечер ги соочува „Федра“ на Жан Расин и „Љубовта на Федра“ на Сара Кејн.

Две драми што ги делат векови, јазик и поетика се среќаваат околу истата човечка пукнатина: моментот кога желбата станува посилна од разумот и човекот повеќе не може да се скрие од она што навистина го посакува.

На прес-конференцијата по повод премиерата, режисерот, актерската и креативната екипа го претставија процесот во кој двете дела не се поставени како едноставна спротивставеност меѓу класиката и современоста. Мустафиќ ги чита како разговор и судир на две времиња: Расиновиот свет на ред, закони, чест и вина и светот на Сара Кејн, во кој тие цивилизациски конструкции веќе се распаѓаат, оставајќи ги телото, осаменоста и потребата да се биде покрај друг.

„Што останува од човекот кога желбата ќе стане посилна од него самиот?“ е прашањето од кое Мустафиќ тргнува во своето читање на Федра. Него не го интересира реконструкција на еден далечен митски свет, туку непосредното соочување на трагедијата со современиот човек. Во неговата режисерска концепција желбата е сила што може да биде извор на слобода, но и почеток на падот; сила што може да нè доближи до другиот, но и целосно да нè изолира. „Не поради митот. Не поради забраната. Туку поради човекот кој, соочен со сопствената желба, не знае веќе каде завршува слободата, а каде почнува амбисот“, пишува Мустафиќ во режисерската белешка.

Во центарот на целиот диптих е првенката на Драмски театар Скопје, Јелена Жугиќ, која ја толкува Федра и кај Расин и кај Кејн, градејќи две радикално различни сценски лица на една иста жена.

За Жугиќ, Федра повеќе не е митска фигура, туку современа жена, истовремено грешник и жртва. Кај Расин нејзината љубов е затворена во систем на вина, чест и самопрезир; кај Кејн таа стигнува до фиксација, телесност и брутално уништување.