Косовска компанија го презема „Тинекс“: Комисијата за конкуренција даде одобрение

Комисијата за заштита на конкуренцијата дала одобрение за концентрацијата со која косовската компанија „Проекс Интернационал“ има намера да стекне контрола врз „Тинекс маркет“ ДООЕЛ Скопје.

Според решението на Комисијата, на 2 јули годинава било потпишано писмо за намери меѓу „Тинекс-МТ“ како продавач и „Проекс Интернационал“ како купувач. Со документот биле утврдени главните комерцијални услови за преземање на малопродажниот бизнис со супермаркети на „Тинекс“ во Македонија.

Трансакцијата, како што е наведено во решението, го опфаќа малопродажниот бизнис кој функционира под повеќе брендови, меѓу кои „Тинекс“, „СуперТинекс“, „Тинекс Деликатес“, „Конто“ и „Спот“.

По потпишувањето на писмото за намери, на 14 јули 2026 година „Тинекс-МТ“ го регистрирал „Тинекс маркет“ ДООЕЛ Скопје. Новото друштво, според документот, е основано со цел да служи како средство за стекнување и понатамошно работење на бизнисот.

Малопродажниот бизнис, односно неговите релевантни делови, треба да му бидат ставени на располагање на новото друштво согласно договорените услови и конечната документација за трансакцијата.

„Проекс Интернационал“ е компанија со седиште во Приштина, чија основна дејност е трговија на мало во неспецијализирани продавници, со доминантен фокус на храна, пијалаци и тутунски производи.