Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во синоќешното гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ1 говореше за мобилната апликација м.Услуги, која ќе им овозможи на граѓаните да ги имаат личната карта, возачката дозвола и другите документи во електронска форма, на едно место во својот мобилен телефон.
„Пред една година беше промовирана демо-верзијата на Дигиталниот самит на Западен Балкан во Скопје. Оттогаш неколку илјади граѓани ја тестираа апликацијата и добивме повеќе од 200 забелешки. Дополнително, при анализата што ја спроведовме утврдивме повеќе аспекти во функционалноста што требаше да се подобрат. Вториот важен елемент беше да го договориме со Министерството за внатрешни работи протоколот за размена на податоците, бидејќи МВР е изворната институција за податоците од личната карта и возачката дозвола“, изјави Андоновски.
Тој нагласи дека личната карта и возачката дозвола се само почеток во развојот на апликацијата.
„Идејата е м.Услуги да заживее како суперапликација. Целта не е во неа да бидат достапни само личната карта и возачката дозвола, туку да функционира како дигитален паричник во кој граѓаните ќе можат на едно место да ги имаат и другите документи што често ги користат, како изводи, дипломи и свидетелства“, рече министерот.