Правилата за носење течности во рачниот багаж постепено се менуваат на дел од европските аеродроми, каде што се воведуваат современи безбедносни скенери. Сепак, овие промени не важат насекаде, па патниците треба да ги проверат правилата на аеродромот од кој полетуваат.
Новата генерација скенери создава тродимензионална слика на содржината на багажот, овозможувајќи подетална проверка и полесно откривање на потенцијално опасни материи. Благодарение на оваа технологија, на одредени аеродроми веќе е дозволено носење течности во поголеми садови, до два литри.
Порелаксирани правила веќе се применуваат на дел од аеродромите, меѓу кои лондонските „Хитроу“ и „Гетвик“, како и аеродромите во Единбург и Бирмингем.
Сепак, правилата не се исти на сите аеродроми. Тоа значи дека ако на еден аеродром е дозволено шише од еден или два литри, тоа не значи дека истото ќе биде дозволено и на следниот аеродром или при повратниот лет.
На Меѓународниот аеродром Скопје засега останува старото правило. Патниците во рачниот багаж можат да носат течности во садови со максимален капацитет од 100 милилитри, а сите садови треба да бидат ставени во една проѕирна пластична кеса со капацитет до еден литар.
Ограничувањето значи дека шише вода од 500 милилитри, парфем од 150 милилитри или крема од 200 милилитри не може да помине низ безбедносната контрола во рачниот багаж.
Постојат одредени исклучоци, кои се однесуваат на неопходни лекови, храна и млеко за бебиња, како и други посебни категории.