Посмртните останки на цар Самуил пристигнаа во Бугарија, во Македонија коментар само од Мицкоски

Бугарија денеска со свечена церемонија на плоштадот во Софија ги пречека посмртните останки на цар Самуил. Посмртните останки беа пречекани од илјадници граѓани по што ќе бидат пренесени во базиликата „Света Софија. На свечената церемонија премиерот Румен Радев одржа говор, а беше интонирана и бугарската химна.

Посмртните останки на цар Самуил пристигнаа на аеродромот „Васил Левски“ во Софија, а беа транспортирани со воен авион „Спартан“ од Солун. Откако влегоа во бугарскиот воздушен простор, авионот беше придружуван од борбени авиони МиГ-29 и Ф-16.

Во Македонија случувањата ги коментираше само премиерот Христијан Мицкоски. Според него, тоа треба да се гледа низ призма на Бледскиот договор постигнат по капитулацијата на Бугарија во Втората Светска Војна.

Што се однесува до пренесувањето на моштите, би се вратил назад неколку децении кога моштите на македонскиот великан Делчев, како резултат на тој Бледски договор, се донесени во Скопје. И тоа е нешто што треба нас како Македонци да нè прави горди, затоа што моштите на тој великан, којшто бил во свое време пред времето, симболизираат многу за македонскиот идентитет, изјави денес Мицкоски.

Во одговорот и на ова прашање Мицкоски не заборави да ја спомене опозицијата и владата на Зоран Заев.

Јас тоа го коментирам во насока на Бледскиот договор којшто е постигнат веднаш после капитулацијата на фашистичка Бугарија, којашто ја има, би рекол, окупирано за време на Втората светска војна територијата на денешна Македонија. Некој тоа го вика „администрирање“ од политичарите, за среќа што се поранешни политичари, односно поранешни политичари на функции, значи сè уште активни во опозицијата преку совети на раководствата во опозицијата, си имаат свои кукли таму и си ги раководат, рече Мицкоски.

Бугарија