85 години антифашизам, СДСМ и Левица со различни одбележувања

Денот на народното востание и 85-годишнината од почетокот на Народноослободителната и антифашистичката борба на македонскиот народ и другите националности денеска во Прилеп ќе бидат одбележани со различни активности од страна на СДСМ и Левица.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најавува марш под слоганот „Непокор.Борба.Иднина“ којшто ќе почне во 11:30 часот од Могилата на непобедените, а ќе заврши пред Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ – Участакот во Прилеп, каде што, според агендата на настанот, се очекува да се обрати лидерот на партијата Венко Филипче.

Левица организира промоција на фототипното издание на книгата „Од дневникот на Прилеп 1940-1942“, од Миле Алимаскоски, како историско сведоштво за случувањата во Прилеп во периодот на окупацијата и почетокот на отпорот, потоа проекција на документарниот филм „Истрелот на слободата“, посветен на историските настани поврзани со 11 Октомври и почетокот на вооруженото востание и тематско предавање посветено на Народноослободителната борба, нејзиното историско значење и придонесот во борбата против фашизмот.

На 11 октомври 1941 година, Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ составен од 16 борци поделени во три групи, извршиле напади врз бугарскиот полициски участок, затворот и телекомуникациските линии што се смета за почеток на Народно ослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ.

Согласно Законот за празници, 11 октомври е прогласен за државен празник. На овој ден во Собранието се доделува државата награда „11 Октомври“.