Премиерот Христијан Мицкоски очекува дијалогот со Бугарија да продолжи, а ставовите на двете страни во одреден момент да се приближат и да се дојде до решение за отворените прашања меѓу двете земји.
Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање каде го гледа излезот од блокадата во односите со Бугарија и какви се очекувањата по завчерашната средба во Софија меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова Чамова, истакна дека е важно што дијалогот почнал и што со неговата содржина се запознаени меѓународните партнери.
„Се радувам што дијалогот почна и што со дијалогот се запознаени нашите меѓународни партнери. Тоа е убавината на демократијата – да разговарате кога имате различни ставови, а умешноста во демократијата е кога тие различни ставови ќе ги приближите и на крај ќе дојдете до компромис“, изјави Мицкоски по посетата на Скопското Кале.
Тој очекува разговорите да продолжат и во одреден момент да се создадат услови за приближување на ставовите.
Прашан дали ќе има нови средби меѓу претставниците на двете земји до декемврискиот самит на Европската Унија, премиерот порача дека процесот треба да се остави да се одвива по природен пат.
Муцунски по средбата со Петрова-Чамова на маргините на Самитот за Коридорот 8 во Софија завчера рече дека имале конструктивни разговори, средбата била одржана во позитивен дух, иако, како што нагласи, позициите на двете држави по суштинските прашања и натаму се далечни, при што е договорено дијалогот да продолжи по сите прашања од заеднички интерес.
„Позициите на Македонија и Бугарија во однос на прашањата поврзани со европската интеграција сè уште се многу далечни, но денешната средба со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова беше конструктивна и одржана во позитивен дух, при што е договорено дијалогот меѓу двете држави да продолжи за сите прашања од заеднички интерес“, изјави Муцунски и оцени дека меѓу двете страни постои висок степен на недоверба во однос на процесот на европската интеграција на Македонија, пред сè во поглед на неговата предвидливост.
Петрова-Чамова, пак, изјави дека Бугарија ја поддржуваат европската перспектива на Северна Македонија, но условите за нејзиниот напредок остануваат непроменети од 2022 година.
„Одржавме конструктивна билатерална средба со министерот Муцунски. Таа беше побарана од страна на Република Северна Македонија и јас ја прифатив. Бугарија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија, при што условите за неа остануваат непроменети од 2022 година. Очекуваме да бидат исполнети како уставните измени, така и сите останати елементи од договорениот консензус“, истакна Петрова, јави БГНЕС.