Новите гасни поврзувања со Грција и Србија, инвестициите во МЕПСО, интерконекцијата со Албанија, планирањето на енергетските капацитети и поддршката за ранливите домаќинства се меѓу приоритетите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Во септември и почетокот на октомври овие активности добија и силна меѓународна димензија, преку приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор и министерската соработка во регионот.
Министерката Сања Божиновска во интервју за МИА разговараше за придобивките од овие проекти, новите закони, надлежностите на институциите и економската вредност на домашните ресурси. Таа се осврна и на создавањето на Министерството од самиот почеток, како и на прозивките со кои Левица ја образложува интерпелацијата која е на дбевен ред кон крајот на овој месец.
Во изминатиот месец бевте активни и на домашен терен и на регионалните енергетски средби. Кои конкретни резултати би ги издвоиле и што ќе значат тие за граѓаните и компаниите?
-Најважно е што истовремено работиме на инфраструктурата, правилата за инвестирање и непосредната поддршка за граѓаните. Новите енергетски врски треба да обезбедат повеќе можности за снабдување, посилната мрежа да го поддржи развојот на економијата, а програмите за ранливите потрошувачи да им помогнат на семејствата на кои енергетските трошоци им претставуваат најголем товар.
Во септември, во Солун, го формализиравме приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор. Заедно со Србија влегуваме во поширока регионална рамка што ги поврзува гасните системи на девет држави. Тоа е значајно затоа што нашите интерконектори добиваат поширока европска функција: отвораат пристап до нови извори и создаваат можност Македонија да учествува и во транзитот на гас.
Во Белград, на почетокот на октомври, продолживме со вториот министерски состанок на Македонија, Србија, Грција и Бугарија. Овој четиристран формат, започнат во мај, воспоставува редовна соработка меѓу две членки на ЕУ и две земји кандидати. Разговорите ги поврзуваме со конкретните задачи на операторите, со роковите на проектите и со поддршката што ни е потребна за европската енергетска интеграција.