Мицкоски од Куманово со порака „Немаме право да не успееме“

„Нашите предци ни ја оставија слободата, нашите родители ни ја оставија независноста, а ние на нашите деца мора да им оставиме успешна држава“, порача премиерот Христијан Мицкоски на свечената академија по повод 11 Октомври на Спомен-костурницата во Куманово, најавувајќи продолжување на економските реформи, повисок животен стандард и поставување големи национални цели.

На свеченоста под слоганот „Идеали што градат иднина“, Мицкоски истакна дека македонската слобода и државност не се подарок, туку резултат на генерации кои имале храброст да се спротивстават на неправдата и да се борат за сопствена држава. Потсетувајќи на почетокот на организираното востание против фашистичкиот окупатор во Прилеп и Куманово пред 85 години, тој рече дека борците немале гаранција за победа, но верувале во идеалите и во татковината, поради што денешните генерации имаат обврска да ја продолжат нивната борба преку изградба на посилна држава.

„Ние го немаме правото да не успееме. Затоа што нашата татковина е поголема од секоја политичка генерација. Затоа што државата е поголема приказна од сите кусогледни и лични интереси. Затоа што татковината се брани со принципи, вера и резултати, не со навреди, договори под маса. Затоа што Македонија е поголема од секоја политичка генерација. Затоа што државата не е само знаме, химна и граници. Државата е доверба. Таа е и систем. Државата е ветување кон секој граѓанин дека неговата иднина нема да зависи од нечии лични интереси, туку од неговата работа, неговото знаење и неговите способности. И токму тука лежи нашата најголема одговорност“, порача Мицкоски, повикувајќи на надминување на поделбите, соочување со слабостите и носење храбри одлуки за заедничката иднина.

Тој оцени дека државата не треба да се задоволува со просечност и мали амбиции, туку да поставува големи национални цели и да создава услови за развој, економски успех, институционална правда и зачувување на националното достоинство.

Осврнувајќи се на економските показатели, Мицкоски соопшти дека растот на бруто-домашниот производ во вториот квартал од 2026 година изнесувал 4,3 проценти, додека Државниот завод за статистика го коригирал растот за 2024 година од три на 3,8 проценти. Според него, извозот во првите осум месеци од годината достигнал 5,74 милијарди евра, што е раст од 8,7 проценти, а просечната нето-плата во јули изнесувала 48.499 денари, со годишен номинален раст од 7,1 процент.

Мицкоски најави дека целта на Владата е до крајот на мандатот просечната плата да се приближи до 1.000 евра, односно да надмине 60.000 денари. Тој нагласи дека економскиот раст треба да се почувствува во секојдневниот живот на граѓаните, преку повисоки примања и подобар животен стандард.

Говорејќи за трошоците за живот, премиерот рече дека нивниот раст во јули, август и септември се движел од 2,3 до 2,7 проценти, оценувајќи дека тоа е побавно темпо од она во Европската Унија и во дел од соседните земји. Според него, овие показатели укажуваат дека домашната економска политика дава резултати, но тој призна дека предизвиците и натаму се присутни.

„Последните месеци, или трите месеци од третиот квартал — тоа се јули, август и септември — трошоците за живот пораснаа од 2,3 до 2,7 отсто или нешто повеќе од 2,5 отсто, во услови кога просекот во Европската Унија е повеќе од 3,8 отсто или 25 отсто помалку од она кое што расте во рамките на Европската Унија. Значи, не била точна таа теза дека инфлацијата била увезена и трошоците за живот морале да растат затоа што тие растеле и на други места во рамките на Европската Унија.или нешто повеќе од 2,5 отсто, во услови кога просекот во Европската Унија е повеќе од 3,8 отсто, или 25 отсто помалку од она кое што расте во рамките на Европската Унија. Значи, не била точна таа теза дека инфлацијата била увезена и трошоците за живот морале да растат затоа што тие растеле и на други места во рамките на Европската Унија“, истакна премиерот.

Мицкоски посочи дека сè уште има семејства кои тешко ги покриваат месечните трошоци, млади кои бараат подобри можности и компании на кои им е потребна поголема поддршка. Како приоритет ја истакна изградбата на држава во која младите ќе имаат услови да останат, да создаваат семејства и да ги остваруваат своите соништа.

Во однос на отворените прашања со Бугарија, премиерот рече дека Македонија не бара другите да се приспособуваат кон неа, туку да биде третирана со истата почит што таа им ја укажува на другите. Тој нагласи дека европската иднина не треба да значи откажување од националното достоинство, јазикот, идентитетот и историјата.

„Нашата цел е европска иднина, но држава која е сигурна во себе, во својата историја и во својата иднина“, порача Мицкоски, повикувајќи на национално единство околу стратешките цели и продолжување на реформите и инвестициите. Тој посочи дека развојот на современо образование, силно здравство и институции што ќе им служат на граѓаните се дел од обврската кон идните генерации, кои ќе ја оценуваат денешната според делата што ќе ги остави зад себе.