Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска го повика бугарскиот амбасадор во земјава, Желјазко Радуков, поради случувањата поврзани со Ива Михајлова, при што му било пренесено дека нејзиниот пречек во Софија и најавите за прием на високо ниво претставуваат провокација и ги поткопуваат напорите за градење доверба меѓу двете земји.
Од МНР посочија дека ваквото постапување е спротивно на заложбите за развој на добрососедските односи и претставува директно навлегување во правниот систем на Македонија.
„Националната припадност или поседувањето друго државјанство не смеат да служат како основа за заштита од одговорност пред надлежните институции“, било нагласено на средбата со бугарскиот амбасадор.
Од Министерството очекуваат Бугарија, како членка на Европската Унија, да ги почитува основните европски принципи, вклучително и судските постапки, институционалната соработка и владеењето на правото.
МНР најави дека ќе преземе соодветни чекори за информирање на меѓународните институции, особено на институциите на Европската Унија и Советот на Европа.
Од Министерството повторија дека Македонија останува посветена на развојот на добрососедските односи врз основа на меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, но очекува истата посветеност и одговорност да ја покаже и бугарската страна.